Штрајк во Грција, Атина без јавен превоз

by Fokus

Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) од утрово започна 24часовен во знак на протест поради новиот закон во социјалното осигурување што вчера беше доставен во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Од шест часот утрово, Атина е без автобуси, тролејбуси, трамвај и метро, бидејќи во штрајкот учествуваат и вработените во јавниот превоз, што ќе ја парализира грчката престолнина.

Проблеми ќе има и во поморскиот сообраќај, на најголемото пристаниште Пиреас бродовите ќе останат закотвени, а на другите две атински пристаништа ќе има промени во возниот ред.

Единствено, железничкиот сообраќај ќе функционира нормално.

Во штрајкот учествуваат и Федерацијата на вработени во државните болници како и Федерацијата на вработени во локалната самоуправа.

Новинарите со тричасовен прекин на работата од 12 до 15 часот, ќе им дадат поддршка на синдикатите.

Од синдикатот на вработени во јавниот сектор (АДЕДИ) велат дека новиот закон не е ништо друго, туку „продолжување на меморандумските закони од периодот 2010-2019“.

Додаваат дека новиот закон не содржи одредени измени во старосната граница за пензионирање, односно дека се задржува границата од 67 години или 62 со 40 годишен стаж. Меѓу другото бараат враќање на 13та и 14та плата и државна гаранција за сите пензии.

Паралелно, за напладне закажаа протест во центарот на Атина

Во 24часовниот штрајк, но на одвоен протест учествува и синдикатот на Комунистичката партија (ПАМЕ).

Владини извори за грчката новинска агенција АНА-МПА коментираат дека според барањата на синдикатите, протестот е против законот донесен од СИРИЗА во 2016, чии негативни одредби се укинуваат во новиот закон што го донесе актуелната влада.

-Станува збор за синдикална неразумност и штрајкови кои се јасно поттикнати од чисто партиски мотиви и цели, коментираат грчки владини извори за АНА-МПА.

Во однос на новиот закон, министерот за труд и социјални работи на Грција Јанис Вруцис, вчера за грчката новинска агенција рече дека е атрактивен, реципрочен систем што обезбедува посебна грижа за семејствата со повеќе

деца, за младите, за вработените мајки, за земјоделците, за пензиите на вдовците, како и за лицата со посебни потреби.

Објасни дека не е предвидено намалување на пензиите, „туку напротив, еден дел од пензионерите ќе добијат покачувања“.

-Најфаворизирани се денешните и идните работници, бидејќи сите ќе видат зголемувања на нивните пензии, доколку имаат над 30 години работен век, вели Вруцис.

Додаде дека станува збор за прв закон за социјално осигурување во историјата што е придружен со експертска студија за пензиите потврдувајќи ја одржливоста на осигурителниот систем до 2070 година, но и дека е прв закон по 12 години што не вклучува никакво намалување на пензиите.

Поврзани новости