Втор ден двајца од осудените во досието „Монструм“ штрајкуваат со глад. Извори на „Фокус“ потврдуваат дека Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири сместени во затворот во Битола не сакаат да ја примат храната затоа што судот го проби рокот за доставување на првостпената пресуда. Нивната постапка е можно да ја следат и другите осудени на доживотен затвор. Непознато е зошто судот и понатаму тактизира со пишувањето пресуда.
Инаку, изминат е законскиот рок од 60 дена што се остава во посложените предмети. Процесот во судница беше сложен, а на крајот се испоставува дека не е ни лесно да се напиште пресудата. Судот пресуди шест доживотни казни за тероризам, за ликвидацијата на петтемина кај Смилковското езеро, и само една ослободителна, но сега мора писмено да образложи врз кои докази осудените се виновни.
Претпоставките се дека на судот му е отежнато пишувањето затоа што има неколку вештачења, многу искази на сведоци и следени телефони, но секако ќе мора да најде вистински зборови за да ги оправда и недостатоците од процесот, како тоа дека оружјето не беше пронајдено, дека возилото со кое се превезувале напаѓачите не им беше дадено на увид на адвокатите, дека не беше утврден идентитетот на некои инволвирани во настанот, со еден збор да се даде одговор на многуте прашања. Низ процесот не се утврди и кој друг стои зад ликвидацијата, особено ако се знае дека родителите на убиените момчиња неколку пати јавно повторија дека пратеник, судија и лекар биле вмешани и имаат информации за настанот.
Адвокатите во процесот налутени од постапката на судот веќе писмено реагирале и поднеле преставки до министерот за правда, Судскиот совет и Апелациониот суд со образложение дека повеќе од две седмици е пробиен рокот од 60 дена и дека е недозволиво за таков сериозен предмет судот да не успее да ја напише пресудата за два месеца. Очекуваат нивна реакција против судијата во предметот. Особено ако се знае дека се определени доживотни казни и дека ќе биде неопходно да се напишат жалби до повисокиот суд што побрзо. Извесно е дека за неколку месеци ќе има јавна седница во Апелациониот суд пред да биде објавена второстепената пресуда.
И семејствата на обвинетите не се помируваат. Секојдневно одат пред судот во знак на несогласување во надеж дека ќе издејствуваат што побрзо пишување на пресудата. Од судот пак за „Фокус“ велат дека ќе им бидат овозможени сите права на осудените.
„За време на процесот беа изведени голем број материјални докази и сведоци, а самата пресуда беше објавена во периодот пред да започне судската ферија. Воедно тој период беше проследен и со протести и нереди пред судската зграда како и јавни притисоци врз судот и неговата работа. Токму затоа беше потребно дополнително време за изработка на пресудата која е во финална фаза. Инфомрираме и дека со дополнителното време за изработка на пресудата не претставува повреда на постапката или на правата на обвинетите, и пресудата веднаш по нејзината изработка, ќе биде доставена до странките“- велат од Канцеларијата за односи со јавноста.
Неизвесно е дали доцнењето ќе има последица врз судијата во предметот Ивица Стефановски, или пак тоа ќе се одрази само врз неговите резултати. „За тоа е рано да се зборува“ – велат адвокатите. Прво ќе остават на надлежните да реагираат.
Пресудата ја очекува и ослободениот Рами Сејди кому ќе му следува правото на отштета од државата за помнатите две години во притвор, но само откако пресудата ќе стане правосилна. Дали тој ќе остане на слобода ќе зависи прво од Јавното обвинителство дали ќе поднесе жалба против слободата, а потоа и што ќе пресече повисокиот суд.
(Насловната фотографија е преземена од архивата на „Фокус“, кога се одржуваа протести за пресудата на „Монструм“)