СДСМ: Каде завршуваат над 5 милиони евра, добиени со тутунот на црно?

by Фокус 16:44
16:44

По обелоденувањето на скандалот со тутун на црно во Могила се потресе врвот на власта. Откако министерството за земјоделство призна дека во бизнисот се вмешани луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, Јанкулоска и Груевски денеска спроведуваат панична акција во Могила, во која за жал страдаат и чесни земјоделци кои влегоа во мрежата на туѓ профит. Со вакви обвинувања на сметка на партијата на власт излезе денеска најголемата опозициска партија СДСМ.

– Дали и што сака да сокрие власта на местото на случувањето, со конфискациите на тутун на невини тутунари? Дали можеби власта сака да го сокрие патот на црниот бизнис, во којшто можеби се инволвирани структури од власта? Јанкулоска и Груевски, со филмската акција денеска во Могила нема да го покријат фактот дека повеќе од 5 години се води бизнис со тутунот на црно. Дали патот на црниот бизнис со тутун води до врвот на партнерите во власта? Дали патот на бизнисот со тутун на црно е на релација Могила – Арачиново – Косово? – прашува потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.

- Advertising -

 Според него, за каков бизнис се работи, говорат пресметките направени според условите на пазарот.

– Може да се каже дека 130 тони сиров тутун на црно, носат приход од околу еден милион евра. Од 130 тони тутун, можат да се направат 6 милиони и 500 илјади кутии цигари. Профитот од овој бизнис на црно е околу 5 милиони и 200 илјади евра! Кај кого завршуваат 5-те милиони и 200 илјади евра годишно? Сигурно не кај земјоделците од Могила. СДСМ ги повикува Јанкулоска и Груевски, да не се кријат зад земјоделците, туку да признаат: Дали и со чија помош од врвот на власта, тутунот од Могила преку нелегален пат, завршува спакуван во цигари надвор од Македонија?! – тврди Кирацовски.

 

 

Поврзани новости