На изминативе избори во Франција и Словенија, победија двајца таканаречени вонсистемски кандидати, кои не произлегуваат од класичните традиционални партии на левицата и десницата. Воедно, нив ги поврзува силниот евроатлански курс, како и потенцирањето на прашањата поврзани со екологијата. Но, како нивниот (ре)избор ќе се одрази врз Македонија?
Универзитетскиот професор и аналитичар Мерсел Биљали за Фокус вели дека реизборот на Емануел Макрон во Франција и победата на Роберт Голоб во Словенија е тежок пораз за проруските инсталации во Европа, што, според него, е и особено важно поради моменталната безбедносна состојба во Европа, единството на ЕУ и европскиот процес во Западен Балкан.
–Сега е моментот Макрон да ја поправи грешката за Македонија од пред три години кога стави вето за нашите преговори со образложение за потребата од некаква нова преговорачка методологија, со што Македонија и Албанија станаа колатерална штета – вели Биљали.
Сега силно се надевам, додава тој, дека проруските инсталации во Бугарија на чело со претседателот Румен Радев, нема да имаат сила со помош на нивните неодржливи аргументи и барања да продожат да ги попречуваат преговорите за Скопје и Тирана.
–Исто така, со поразот на Јанез Јанша во Словенија, во ЕУ-семејството се сече уште една путинова гранка, така што пропутинистичките струи очигледно ослабуваат во Европа – истакнува Биљали, кој е поранешен пратеник и советник на двајца македонски премиери.
BING-BANG ОПЦИЈА?
Уште еден универзитетски професор и поранешен дипломат – Нано Ружин, во колумна за Фокус пишува дека прашањето за проширување на ЕУ не беше експлоатирано во предизборната кампања во Франција, но, како што истакнува, од блиски соработници на старо-новиот претседател Макрон произлегоа значајни ставови.
–Овие прашања се одвиваат во услови на големата геополитичка криза во Украина, а сега Макрон е свесен на две значајни димензии кога се работи за проширувањето. Од една страна, јасна беше ревандикацијата на Украина за забрзан прием во ЕУ, што беше отворено подржано од повеќе држави членки – вели Ружин.
Од друга страна, додава тој, во моментот кога останатите држави од Западен Балкан чекаат две децении за истиот статус, се прави голема неправда во протоколот и методологијата, што, потсетува Ружин, впрочем беше автохтона творба на Макрон.
–Заради таа методологија, С.Македонија влезе во познатиот бугарски лавиринт, иако во 2019 година бугарските лидери воопшто не го поставуваа прашањето за оспорување на патот на Скопје кон Брисел. Форсирањето на Украина би била ризична парадигма за иднината на Западен Балкан, дотолку повеќе што Макрон е свесен дека направи големи неправди на Албанија и С.Македонија во 2019 година – објаснува поранешниот амбасадор во НАТО.
Според него, Балканците може да се надеваат на некоја изненадна опција bing-bang како онаа по терористочките атентати во 2001 година, кога во 2002-2004, дури седум држави стнаа членки на Алијансата.
Влатко Стојановски