Макрон победи, Европа кажа – уф!

by Фокус

Добра вест е што Макрон е евро-оптимист, ги запозна и лидерите и државите од Западен Балкан, вклучувајки ја и нашата држава, но исто така тешко е да се верува дека до крајот на јуни, кога истекува француското претседателство со ЕУ, ќе преземе похрабри чекори.

Пишува Нано РУЖИН

Еден и пол час по соопштувањето на резултатите на претседателските избори во Франција, ново/стариот претседател Емануел Макрон излезе меѓу неговите симпатизери на еспланадата Шамп де Марс, во близина на Ајфеловата кула под тактовите на „Одата на радоста“, придружуван од младите симпатизери.

Честитките пристигнаа од Шарл Мишел во името на Совeтот на Европа, од Ван дер Лајн од името на Европската комисија, од премиерите на Германија, Шпанија, Италија, па дури и од страна на претседателот Путин.

Кога го марширал победничкиот од, наводно звонел и телефонот од Белата куќа, но заради прославата, разговорот со претседателот Бајден беше одложен за 25 април.

Млади момци и девојки, ентузијасти и подржувачи на Макрон од сите бои и религии го исполнија просторот исто како пред пет години кога се прославуваше неговата победа против истиот противкандидат Марин Ле Пен  на плоштадот пред музејот Лувр. Се беше исто, освен чувството дека за Макрон се отвара една нова ера.

Неговата порака беше јасна: тој ќе настојува да се ослободи од ореолот на претседател на државата кој е заробен, осамен и изолиран во Палатата Елизе. Пред присутните, зборуваше само девет минути, што е најкусиот говор откако беше избран за претседател на Франција во 2017 година.

„Знам дека голем број граѓани гласаа за мене не заради идеите кои им ги претставував, туку за да направат брана кон ектремната десница. Сакам да ви се заблагодарам и да истакнам дека ова гласање ме обврзува за следниот мандат“, рече Макрон.

ТРЕТ ИЗБОРЕН КРУГ

Тој е свесен дека голем број Французи, дури 13 милиони, намерно апстинирале од гласањето, а дури 4 милиони уфрлиле празни изборни ливчиња во изборните кутии. Тој победи со нешто под 20 милиони гласови, додека Марин Ле Пен освои 14 милиони гласови. Во однос на 2017 година, Макрон изгуби 500.000 гласови додека Марин Ле Пен освои нови 3 милиони гласови.

За Макрон гласаше урбана Франција, онаа на кадрите и функционерите, оние што ја претставуваат фанозманат« start-up нација » како и муслиманите (6 милиони само од земјите на Магребот). За Марин Ле Пен, пак, гласале руралните средини и населби. Таа победи во најголемиот број населби до 5.000 жители, потоа патријахална Франција, како и сиромашните, некогашните „жолти елеци“.

Тоа беше една хибридна победа на Макрон, една „интелектуална победа“ која наиде на остри критики и кај Марин Ле Пен и кај третопласираниот кандидат Жан Лук Меланшон. Марин Ле Пен констатира дека независно од резултатите, таа била победник во услови на огромни притисоци.

Затоа, со големи амбиции го очекува третиот круг, мислејки на парламантарните избори закажани за 12 и 19 јуни. Нејзината најголема желба  е да го освои мнозинството и да стане премиер во кохабитација со Емануел Макрон.

Истите амбиции ги искажа и Меланшон. За изборот на Макрон тој изјави: „Макрон  е најслабо избраниот претседател во историјата на Петата република (1958). Сега треба да се добијат следните избори (парламентарни избори во два круга), тоа значи повторно да го отвориме градилиштето“.

Нивните желби не се без основа, со оглед дека Макрон не поседува класична партиска инфраструктура, што не е случај со „ Непокорените“ на Меланшон и „ Националното заедништво“ на Марин Ле Пен.

Од своја страна, Макрон нема да е многу среќен да работи во кохабитација со Марин Ле Пен. Веројатно посоодветен партнер би му бил Меланшон, иако покрај себе не трпи јаки личности. Двајцата претходни премиери си заминаа без некоја помпа, незадоволни од претераното его на Макрон.

Заради изборите од 12 и 19 јуни, тој нема да може мирно да ги одживее првите сто дена од неговата инаугурација предвидена за 13 мај. Во овие сто дена ќе се решава и прашањето за датумот на преговорите на Сверна Македонија и Албанија со ЕУ. Што можеме да очекуваме?

ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ

Прашањето за проширување на ЕУ не беше експлоатирано во оваа кампања, но од неговите блиски соработници произлегоа неколку значајни ставови. Овие прашања се одвиваат во услови на големата геополитичка криза во Украина, а сега силниот човек на ЕУ – Макрон, е свесен на две значајни димензии кога се работи за проширувањето.

Од една страна, јасна беше ревандикацијата на Украина за забрзан прием во ЕУ, што беше отворено подржано од повеќе држави членки. Од друга страна, во моментот кога останатите држави од Западен Балкан чекаат две децении за истиот статус, се прави голема неправда во протоколот и методологијата што впрочем беше автохтона творба на Макрон.

Заради таа методологија, С.Македонија влезе во познатиот бугарски лавиринт, иако во 2019 година бугарските лидери воопшто не го поставуваа прашањето за оспорување на патот на Скопје кон Брисел.

Форсирањето на Украина би била ризична парадигма за иднината на Западен Балкан, дотолку повеќе што Макрон е свесен дека направи големи неправди на Албанија и С.Македонија во 2019 година. Француските аналитичари истакнаа дека државите од регионот покажале проатланско расположение, но исто така се свесни дека не поседуваат големи воени капацитети за реализацијата на ЕУ-проектот за одбраната .

Неопходно е рационална проценка на состојбата иако емотивно сите сочувствуваме со Украина. Пред се, украинскиот проблем е комплексна непознаница која ќе треба да навлезе во уште покомплексниот механизам на ЕУ. Меѓутоа, со овој потег Макрон знае дека ги става во непријатна и опасна ситуација државите од Западен Балкан, кои и така се веќе разочарани од долгото чекање пред вратите на Брисел.

Но, она што е посериозно е можното инклинирање кон руското влијание со неповолни геополитички консеквенци за регионот и Европа. Добра вест е што Макрон е евро-оптимист, ги запозна и лидерите и државите од Западен Балкан, вклучувајки ја и нашата држава, но исто така тешко е да се верува дека до крајот на јуни, кога истекува француското претседателство со ЕУ, ќе преземе похрабри чекори.

Кога се работи за новите аспиранти од Западен Балкан, според мерењата на јавното мислење, Французите не се многу наклонети кон проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Можеби Макрон ќе најде некоја солуција во неговите изјави дека „претстои реформа на европските институции“ и за таквото релансирање ќе настојува да ги чуе мислењата на европските граѓани.

Од нашата страна, ние Балканците може да се надеваме на некоја изненадна опција bing-bang како онаа по терористочките атентати во 2001 година, кога во 2002-2004,  дури седум држави стнаа членки на Алијансата.

Можеби подигањето на рампата на ЕУ за Западен Балкан да потрае, но неопходно е балканските лидери да станат единствени и цврсти пред политичарите на ЕУ. Украинската криза ги зближи европските партнери и можеби токму во таквата стуација постојат извесни расположенија за С.Македонија и Албанија, како и за останатите аспиранти.

ПОБЕДИ НАД ПОПУЛИЗМОТ

Иако Франција и Словенија се одалечени држави, различни по темперамент, фолклор, обичаи, традиции, може слободно да се констатира дека овие две држави ги поврзува екологијата. Марин Ле Пен беше „ климато-скептик“ според дијагнозата на Макрон, додека таа возврати и Макрон го нарече „климато-хипокрит“, бидејки „многу ветувал а малку реализирал“.

Со амбициите на Макрон, на парламентарните избори во Словенија тргна и еколошкото движење на екологистот Роберт Голоб. Тој слично на Макрон издвојува победа против словенечкиот „десничарски популист“, Јанез Јанша. Исто како во Франција, и во Словенија победи еден вонсистемски кандидат, целосно деполитизиран слично на Макрон.

Во Франција, левицата и десницата целосно се изгубија. Градоначалничката на Париз, социјалистот Хидалго освои 2 отсто од гласовите во првиот круг, додека Валери Пекрез од класичната француска десница освои 7 отсто од гласовите. Веќе се зборува за разобличување на класичната поделба меѓу левицата и десницата. Слични трендови се чуствуваат во поголем број европски држави.

На тој начин, неочекувано претседателот Макрон доби голем сојузник во реализацијата на неговите „зелени планови за екологијата и климатските промени“. Впрочем, една димензија од неговиот слоган гласи „Силна Франција-силна Европа“. Слично изјави и Роберт Голоб – „Силна Словенија-Силна Европа“ .

Поврзани новости