Што ви е бре луѓе? Во што се претварате? Со што си ја труете душата? Зар омразата и гневот се единствено нешто со што си го исполнувате денот? Да не судам, ама зар не се срамите од себеси? Зар не се гледате во огледало во што се претварате? Немате ли фамилии, немате ли некој кој ве радува во животот? Немате ли доволно моменти за кои можете да се насмеете? Зар сметате дека времето потрошено во навреди, омраза и гнев ви е добро потрошено време? Зар не ви е ли доста?
Оние кои имаат деца, погледнете ги. Зар сакате со омразата да растат? Зар тие ваши деца тоа го заслужуваат? А вие драги млади, зар вашите мајки, татковци, сакаат да им дојдете дома со крв на телото, дал ваша, дал туѓа? Зар не ви е жал за нив, зар не ви е жал за вашите пријатели?
Свесте се бре луѓе, најдете ја поентата и идејата на живеење која нема да штети никому, туку напротив ќе биде од голема полза за себе и за своите најмили.
Оставам на вас што и како понатаму да правите, само ве замолувам да ја прочитате неколку пати приказнава што подолу е напишана, да размислите пар минути, да продискутирате за неа со некого а потоа со разум решете се каде ќе терате.
„Некогаш одамна едно старче му открил на своето чедо една животна вистина: Во секој човек се води војна, која многу личи на борба меѓу два волци. Еден од волците го претставува злото: завистта, омразата, гневот, љубомората, егоизмот, амбициите, лагата. А другиот волк го претставува доброто: мирот, љубовта, надежта, толеранцијата, добротата. Зборовите на старецот го допреле чедото до самото срце и размислувајќи за тоа, тој го прашал: А кој од волците победува на крај? На тоа старчето се насмеало и одговорило: Секогаш победува тој волк, кого повеќе го храниш.“
Јас до сега научив една работа, во животот ќе има луѓе кои ќе те натераат да кажеш и изустиш погани и невкусни работи, тогаш устата може ќе ти биде полна со горчина, но НИКОГАШ, никогаш не дозволувај таа горчина да ти го завладее срцето и сите тие зборови да ти бидат единствен метод на одбрана, зашто само вистината, достоинството и чесноста се оние што можат да те одбранат и обелат пред црнилото кое и тоа како ќе се обидува постојано да те надвладее, окупира, и земе во сопственост и никогаш повеќе да не те пушти по патот каде си сакал да одиш и некогаш да стигнеш.
Освестете се, не е доцна!