Пишува Ѓорѓи Спасов
Еврокомесарот Хан за време на разговорите во Брисел, треба да има на ум дека Бранко Црвенковски е во право кога вели дека Зоран Заев со доаѓањето на чело на лидерската функција во СДСМ направи програмски и кадровски дисконтинуитет. Но, треба да биде свесен дека Црвенковски не е во право кога вели дека Заев по долго време се вратил на политиката на „отпорот„ и признал дека била грешка неговата „конструктивност„ во односите со власта.
Програмскиот дисконтиунитет Заев го започна веднаш по неговиот избор за претседател на партијата, кога јавно призна дека беше грешка коалицирањето на СДСМ со ВМРО ДПМНЕ во Кичево и Струга за време на локалните избори. Оттогаш, Заев стави јасно до знаење дека тој нема намера партијата да ја води во етнички изборни блокови, и дека борбата за демократија и социјладемократија подразабира мултиетничност и заедничка борба на граѓаните за јасно дефинирани цели. Во извршниот одбор на СДСМ најде место и Албанецот Едмонд Адеми, а со низа свои настапи Заев успеа во мошне кус рок не само да го ослободи СДСМ од етикетата дека е “антиалбанска„ партија туку и да се промовира во политички лидер кој во овој момент ужива најголема доверба кај Албанците. Заев покажа без било какви комплекси дека е можен голем митинг на граѓаните во Македонија, на кој подеднакво ќе се веат македонските и албанските знамиња, на кој подеднакво ќе се држат говори и ќе се пеат песни на македонски и на албански јазик и на кој кога повика на едноминутно молчење за загнатите во Куманoво ја стиша огромната маса од која не се слушна ниту едно накашлување. Таквиот углед на Заев му овозможи да биде единствениот политички лидер, кој можеше првиот ден по крвавиот инцидент во Куманово да оди меѓу граѓаните во Дивата населба и да биде дочекан со аплаузи од Албанците и од Македонците. Заев, кој нема пристап на Македонската радио телевизија, денес е угледен гостин не само на Ал сат телевизијата и на Радио-телевизија Косово, туку неговите интервјуа влеваат нова надеж за решавање и на најсложените прашања во областа на меѓуетничките односи во Македонија а со тоа и за долготрајна политичка стабилност во земјата. И тоа треба га го има на ум еврокомесарот Хан.
СКАНДИНАВСКА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИЈА
Но, програмскиот дисконтинуитет што го направи Заев се гледа и од програмата на СДСМ на последните парламентрани и претседателски избори, која носеше наслов „Промени -за нов почеток„ .Со неа СДСМ се враќа на суштината на социјалдемократијата. Ставајќи ги во центарот на вниманието економијата и социјалната правда, таа програма си го постави за цел „враќањето на средната класа во Македонија„ односно достигнувањето на достоинствен животен стандард за мнозинството граѓани, како гаранција за политичка и економска стабилност на Македонија. Заради бојкотот и од игнорантскиот однос на клучните медиуми во земјата кон таа програма, граѓаните немаа доволно можност да дознаат дека во неа се содржани клучните идеи и проекти на СДСМ со кои може да биде остварена таа цел. Тимот на Заев ги детектирал точно проблемите на Македонија денес и особено состојбата на работништвото и на сиромашните во државата, големите социјални разлики, и бездната кон која се движи земјата кога постои во земјата расипничка власт, власт без контрола и без било каква одговорност. Затоа тимот на Заев пристапил не само кон воведување на сите познати мерки од скандинавската социјалдемократија за смалување на социјалниот јаз и за подобрување на економската положба на работникот, туку се наведени низа законски измени со кои државата ќе умее да го подржи претприемачкиот дух на граѓаните, мерки за тоа како партиите и власта ќе ги тргнат рацете од економијата, како економијата и секој граѓанин ќе бидат ослободени од стравот што надвиснува над нив заради големите казни и инспекции, но, и како секоја идна влада ќе се стави под целосна парламентарана судска и контрола на јавноста. И тоа треба го има на ум еврокомесарот Хан.
Она што може да се слушне од Заев е и ветувањето дека по четири години мандат на чело на владата, тој лично ќе побара да не биде повторно премиер, независно од резултатот на изборите за да се остави место со нови идеи и лидери партијата да се менува и унапредува.
А сето тоа е вистина многу различно од она што го правеше СДСМ пред неговото доаѓање на чело на партијата. И тоа треба да го има на ум еврокомесарот Хан.
Точно е и тоа дека Заев направи кадровски дисконтинуитет во партијата. Сега покрај него главни ликови на новиот СДСМ се Шеќеринска, Стево Пендаровски, Петре Шилегов, Оливер Спасовски, Ванчо Узунов, Дамјан Манчевски, Рената Треневска, Кире Наумов, Драган Тевдовски и многу други родени по 1972 или 1975.година. Тоа е Сосема нов тим составен од најспособните кадри на трите општини во кои СДСМ остварува најголеми успеси( Струмица, Куманово и Центар) но и подржан со низа други млади личности како Хари Локвенец од Прилеп, Марјанчо Николов од Велес, Кирацовски од Битола, Мила Царовска, Софија Куновска и други. Тоа е една нова генерација политичари, која се ослободи од скопскоцентризмот на СДСМ и во која нема никој било каква одговорност за грешките на претходните влади на СДСМ. И тоа треба го има на ум еврокомесарот Хан.
Во секоја партија, секако, постојат луѓе кои сметаат дека не добиле позиции според нивниот придонес, и во моменти се чуствувале отфрлени. Но Заев тоа успешно го менаџира преку обидите активно да ги вклучи и активира сите што можат и што сакаат да помогнат преку нивните јавни настапи како Јани Макрадули, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, а преку Советот на партијата отстапен им е простор и на Никола Поповски, Илинка Митрева, Сашко Насев и многу други кадри на партијата. Во кадровскиот состав на СДСМ денес доминираат економисти, правници и политиколози и тоа вистина е еден сосема различен кадровски состав од оној што го познававме од порано.Тој кадровски потенцијал функционира исклучително под раководство на Зоран Заев, кој со својата храброст околу објавувањето на „бомбите„ и демаскирањето на власта на Груевски, но и со начинот на кој ја води партијата стекна несомнено углед пред се на храбар и на решителен политички лидер кој како што се справи со промената на власта во СДСМ може да се справи и со промената на власта во Македонија. И тоа треба да го има на ум еврокомесарот Хан.
ДЕГРАДИРАНА ВЛАДА
Политиката на Заев денес, во која тој ги користи бојкот на Собранието и протестите заради промена на политичката состојба, не е признавање на пораз на неговата политика на „конструктивност„ со власта. Напротив. Тој ја демонстрираше потребната конструктивност со учество на изборите, па и покрај фалсификатите на власта тој оформи парламентрана група со која е чинител за било какви преговори. Тој и денес ја демонстрира својата конструктивност со одење на состанок на седница на Советот за национална безбедност кај Иванов по настаните во Куманово. Тој ја демонстрира неговата конструктивност со обавувањето на функцијата градоначалник на Струмица, со појавувањето пред суд кога го повикуваат и со учеството во разговори низ кои се прават напори да се разреши кризата. Со оваа комбинација на конструктивност и отпор тој ги стекна симпатиите како политички лидер на граѓаните но и на соседите и на меѓународната заедница.
Денес, Зоран Заев на кого до вчера Груевски му го имаше одземен пасошот под обвинение за „пуч„, го дочекуваат како Премиер во Бугарија. Му ги укажуваат сите почести на Косово и во Албанија. А во Грците имаат за него многу поголемо почитување отколку за „националистот„ Груевски. Нема државник од САД и од ЕУ кој не сака да се сретне со него и да разговара.
Сетоа тоа треба да го има пред вид Хан, кога ќе разговара со него.
СДСМ по многу години реално доби силен политички лидер. Само пред неколку месеци, односно пред да почне објавувањето на прислушуваните разговори, постоеше широко мислење дека Македонија има слаба опозиција. Некои тврдеа дека СДСМ ќе се распадне, ќе исчезне и дека Заев само по неколку месеци ќе биде заменет со некој „човек на Бранко„. Постоеше голема неизвесност и во редовите на СДСМ. Но денес СДСМ реално од декор стана фактор на политичката сцена во Македонија. И тоа не само заради негативната кампања со „бомбите„ кон владата, туку и заради сите пропратни програмски потези на Заев што беа споменати.
Владата на Груевски е деградираниот и деморализираниот политички субјект во Македонија кој го има навлечено врз себе гневот на граѓаните од сите етнички заедници но и го има изгубено целосно угледот во меѓународната заедница. А СДСМ успеа да се ребрендира. СДСМ успеа да организира огромен протестен митинг пред владата, на сосема друг начин од порано, и станува доверлив партнер за остварување на промените што ги заговараат и посакуваат не само студентскиот пленум и незвисните новинари туку и работниците и здруженијата како Солидарност, Беса и низа други граѓански организации и движења. Заев за сега успева да покаже дека умее да „обединува во различностите„ како што пишува на зградата во која е сместена делегацијата на ЕУ во Скопје. А зарем не е тоа една од основните вредности на ЕУ за која еврокомесарот Хан ќе треба да води сметка при водењето на разговорите?
Независно од исходот и од динамиката на разговорите за формирање преодна влада и одржувањето на предвремени парламентарни избори, факт е дека по сето она што Заев го направи, македонската политичка сцена не е иста како пред неговото појавувавање. Заев е политички лидер кој не се занимава со политика за да најде вработување или за да заработи и затоа има храброст да каже; „ако условот за оставка на Груевски и промена на овој режим е мојата оставка тоа е најмалиот проблем„. Затоа Груевски на кого власта му значи се и е свесен дека надвор од неа ќе биде ништо е исплашен. И тоа треба да го има пред вид еврокомесарот Хан. Груевски и Заев одат во Брисел со две различни визии за политиката. Заев бара слобода за медиумите, власт под контрола на парламентот, на судството и на јавноста, и услови за слободно изразување на избирачката волја на граѓаните. Груевски девет години покажува дека тоа не го сака, и сака власт без контрола, општество без слободни медиуми, и граѓани кои ќе живеат во страв од сиромаштија, од упад на полицијата од неправедно судство и од непочитување на неговиот глас. На Груевски да му се дозволи повторно да организира избори,(по сето она што го правел за време на претходните, а стана јасно од објавените телефонски разговори) е вистина исто како што вели Фрчковски, „на педофил да му довериш да ти чува дете„. И тоа треба да го има на ум еврокомесарот Хан.