Што содржи програмата на идната влада предводена од СДСМ?

by fokus

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ја презентираше програмата на идната влада предводена од неговата партија.

-Ова ќе биде реформска влада за заеднички стратегиски интереси на Република Македонија, за членство во НАТО и ЕУ и надминување на политичката криза, поделба на власта, правна држава и силни институции. Никој нема право да ги блокира демократските процеси за кои гласаа граѓаните. На граѓаните им требаат плата, квалитетно здравство и образование, правна држава… За тоа гласаа граѓаните. Цврсто стојам зад овие наши заеднички цели, рече Заев.

Програмата го содржи следново:

-Зголемена контрола на буџетот и на трошењето на буџетските пари, независен и ефикасен правосуден систем, еднаков пристап до правдата на сите граѓани, партиите ќе стојат настрана од судовите, а секој судија ќе биде подложуван на постојани контроли.

-Ќе се формира специјално одделение во Основниот суд Скопје 1 за предметите на СЈО, следењето на комуникациите за кривичните истраги и за безбедносни прашања треба да бидат одделни функции и да имаат јасен мандат.

-Ќе има независни медиуми – реформи според предлогот за итни демократски реформи, т.н. документ блу принт создаден од граѓанските организации, ќе се реформира МРТ независно од политичките влијанија. На граѓаните на Република Македонија им треба служба, сервис и поддршка од државата, сите службеници ќе работат слободно.

-Расветлување на кумановските настани, а за тоа ќе биде побарана и меѓународна поддршка за истрагата.

-Закон за унапредување на јазиците, кој ќе овозможи сите граѓани полесно да функционираат во комуникациите со државните институции и тоа да биде во рамките на Уставот.

-Силно веруваме во концептот едно општество за сите. Македонија ќе се гради како граѓанска држава. На граѓаните Албанци ќе им овозможиме да комуницираат со институциите на својот јазик. Сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, објасни Заев.

Тој кажа и дека двојазични банкноти и двојазични униформи се противуставни, а програмата на идната влада за свој темел го има Уставот на Република Македонија.

Поврзани новости