Дури 5.240 гласачи помалку излегле на локалните избори сега, за разлика од изборите во 2017 година, во Тиквешијата. Која е причината што во Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман гласачите покажале значителна незаинтересираност, во однос на изборите од пред четири години, нема конкретен одговор, но чести се коментарите од разочарани граѓани, кои на прашањето зошто не го искористиле своето законско право и не гласале, само одмавнуваат со рака и одговараат – Исти се сите.
Кога ќе се собере излезеноста на гласачите во Тиквешко на изборите во 2017 година, се добива бројката од 42.579 лица. На првиот изборен круг годинава излегле значително помал број на гласачи, односно 37.339, што покажува дека на овие локални избори во Тиквешко излегле дури 5.240 гласачи помалку. Освен намалената излезеност на гласањето, во споредба со 2017 година, промена во Тиквешко е и поразот на кандидатот на СДСМ во Неготино, односно општината по четири години повторно доби градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Во Демир Капија и Росоман пак, ќе се оди на втор круг на гласање за конечен резултат. Исто така, кога се советничките листи во прашање, и во Кавадарци и во Неготино, Левица остана забележана и освои 1.005, односно 1.035 гласа. Како потсетување, на локалните избори во 2017 година, интерактивната мапа на Македонија беше речиси цела обоена во сино, поради големиот успех на СДСМ, односно освоените 57 градоначалнички места, за разлика од победата во пет општини на ВМРО ДПМНЕ.
Една од малкуте општини каде тогаш ВМРО ДПМНЕ извојува победа беше и Кавадарци, каде Митко Јанчев освои 12.077 гласа, односно 49,39 проценти, а зад него се најде Бетиане Китев од СДСМ со 11.482 гласа, односно 46,96 проценти. Во тогашните избори, кандидати за градоначалници на Општина Кавадарци беа и Верица Арсова од ТМРО која освои 165 гласа и Борис Давидов од ГИ Борис Давидов, кој освои 271 глас. Во првиот круг на изборите сега, во Кавадарци победата повторно ја однесе Митко Јанчев од ВМРО ДПМНЕ со 15.182 гласа, односно 72,35 проценти, а зад него е Горан Тодоров од СДСМ со 4.677 гласа, односно 22,29 проценти. Во 2017 година во Кавадарци на гласање излегле 24.451 избирачи, а пак годинава гласале 20.985 лица.
Во Неготино во 2017 година во трката за градоначалник на општината беа Тони Делков од СДСМ, Златко Пенков од ВМРО ДПМНЕ и Ѓорѓи Ајтов од ГИ Ѓорѓи Ајтов. Тогаш победата ја однесе Делков со 6.455 гласа, односно 51,44 проценти, Пенков освои 5.630 гласа, односно 44,86 проценти и Ајтов освои 135 гласа, или 1,08 проценти. Сега, во првиот круг во Општина Неготино доби нов градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, д-р Горан Стојанов, кој освои 5.855 гласа, односно 51,94 проценти. Тони Делков кој се бореше за втор мандат освои 4.839 гласа, односно 42,93 проценти. Во 2017 година во Неготино гласале 12.549 лица, а годинава 11.273 лица. Во Демир Капија во 2017 година победата ја однесе Лазар Петров од СДСМ со 1.419 освоени гласа пред кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Трајче Димитриев кој освои 1.347 гласа.
Сега, во Демир Капија се очекува втор круг на гласање. Петров кој се бореше за втор мандат освои 1.219 гласа, а пак Андон Донев од ВМРО ДПМНЕ освои 1.194 гласа. Во 2017 година во Демир Капија излегле на гласање 2.868 лица, а пак годинава 2.551 лице. Во Општина Росоман во 2017 година мандатот го освои Бранко Јанев од СДСМ со 1.338 гласа, наспроти Стојанче Лазов од ВМРО ДПМНЕ, кој освои 1.214 гласа.
Сега пак, во првиот круг на гласање, Стојанче Лазов кој беше кандидат на ГИ Стојанче Лазов освои 313 гласа, Тихомир Николов од ВМРО ДПМНЕ освои 947 гласа, а Стојан Николов од СДСМ освои 1.148 гласа. Таму ќе има и втор круг на гласање. Во Росоман во 2017 година гласале 2.711 лица, а пак годинава 2.530.
Вики Клинчарова