Откако „Фокус“ алармираше за постоењето на тајна „фабрика“ за производство на пасоши, на социјалните мрежи се појавија различни толкувања во однос на т.н. метаподатоци на сликите што беа објавени.
Експертот Дамјан Георгиевски од „Слободен софтвер Македонија“ вели дека овие податоци се лесни за манипулација и тешко можат да бидат земени предвид кога треба да се докаже датумот за тоа кога биле фотографирани.
Зборот метаподатоци значи податоци за податоците. Сликата е податокот, времето и локацијата каде е сликана (или со кој телефон) се податоци за податоците (сликата), па се викаат метаподатоци. За дигитални фотографии метаподаците се складирани во самиот фајл на фотографијата во формат наречен EXIF , вели Дамјан Георгиевски од Слободен софтвер Македонија.
Според Георгиевски метаподаците може да се видат со било кој понапреден програм за преглед на слики, или со користење на некои интернет алатки.
„Во однос на објавените фотографии метаподатоците можат лесно да се избришат или сменат со било каков EXIF едитор. Претпоставувам дека програмите на Adobe можат истото да го прават.Теоретски сѐ е можно, можно е метаподатоците да се манипулирани на било кој начин. А таква манипулација не може лесно да се открие, смета Георгиевски.
Тој додава дека „во однос на видеото, можеби со некоја дигитална форензика може да се утврди дали истиот телефон Самсунг ги направил и видеото и сликите. Секако е можно видеото да е направено со друг уред и преснимено на Самсунгот, иако не знам зашто е тоа важно воопшто, прашува Георгиевски.
Аферата „Фабрика за пасоши“ „Фокус“ ја објави минатата недела. Анонимен граѓанин до „Фокус“ достави ексклузивен видеоматеријал и 14 фотографии од кои се гледа дека во приватен стан или куќа, рачно се изработувале пасоши. Кога и каде се изработувале пасошите засега останува нејасно.
„Фокус“ доказите веќе ги достави до обвинителството кое ќе треба да открие кога, каде и со каква намена биле печатени пасошите, дали тие воопшто се користеле за патување, или пак биле за „внатрешна“ употреба?