Што разговарал Апасиев со рускиот амбасадор час и половина?

by Фокус

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, остварија деведесетминутна работна средба со рускиот амбасадор во Република Македонија Сергеј Баздникин, на која, како што информираа од партијата, било разговарано за актуелните домашни и меѓународни теми, со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина.

„Акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија. Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ“, соопштија од Левица.

Од таму додаваат дека Апасиев на средбата се оградил од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија, потсетувајќи дека „овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани.

„Осудени беа и непотребните санкции кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација – од кои најголеми губитници ќе бидат токму македонските земјоделци, а потенцирана беше и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежне патувањето и транспортот меѓу државите. Отворени беа и други важни прашања за културната и образовната размена помеѓу двете земји, а беа опфатени и теми од современата геополитика“, истакнаа од партијата.

На крајот на средбата, пратениците на Левица на рускиот амбасадор врачиле и свечена монета со ликот на Гоце Делчев, која Левичарскиот институт „Рацин“ ја изработи по повод 150 годишнината од неговото раѓање.

Поврзани новости