Македонската радио телевизија според законските одредби ја има улогата на јавен радиодифузен сервис. Според чл. 104, став 3 од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (ЗААМУ) МРТ како јавен радиодифузен сервис во Република Македонија е независна од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво и треба во уредувачката и деловната политика да биде непристрасна кон нив.
Обврските на МРТ според законот се стриктно набројани во членот 110 и меѓу другото ја обврзуваат МРТ да:
– создава и емитува програми достапни за целокупната јавност во државата со цел за активно да придонесува за создавање и развој на слободното мислење и информирање на јавноста и да биде двигател на демократските процеси во државата,
– обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање создавајќи и емитувајќи високо квалитетни програми за сите важни политички, економски, социјални, здравствени, културни, образовни, научни, религиски, еколошки, спортски и други настани и случувања во Република Македонија, земјите од Европа и од светот,
– ја промовира и унапредува културата на јавен дијалог и да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес,
– не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија, политички, религиски или други групи, а програмите кои ги создава и емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и политичка моќ,
Освен тоа, јавниот радиодифузен сервис (МРТ), со членот 111 од Законот се обврзува да исполнува одредени стандарди и начела за својата работа, меѓу кои и следните:
– се придржуваат кон начелото на вистинитост, непристрасност и сеопфатноста на информациите,
– се придржуваат кон начелото на политичка избалансираност и плурализам на гледишта,
– обезбедуваат непристрасни, сеопфатни и важни информации и истите да ги презентираат јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење,
– не застапуваат или фаворизираат ставови или интереси на одредена политичка партија, здружение, личен интерес, религија или идеологија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другите,
Истите горенаведени обврски за јавниот радиодифузен сервис се предвидени во нивниот Статут за работа усвоен во јануари 2015 година.
Истовремено една од целите на Законот наведена во член 2 е да се обезбеди транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис. А, АВМУ според член 6, став 1, алинеа 6 од ЗААМУ се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.
Од цитираните законски одредби јасна е и недвосмислена улогата што треба да ја има МРТ. Како што предвидува законот – улогата на МРТ е да биде јавен сервис во служба на граѓаните кој ќе го служи на граѓаните и ќе го промовира и штити јавниот интерес. Сето ова, според мое мислење е доведено под сериозен сомнеж со начинот на кој се прави уредувачката политика особено за тоа како се известува и анализира за случувањата поврзани со т.н. политички бомби на опозицијата односно со објавата на телефонските разговори од страна на опозицијата.
Објаснувањето на уредувачкиот тим на МРТ дека имаат забрана да се објавува содржината на телефонските разговори притоа повикувајќи се на соопштението објавено од страна на јавниот обвинител од 3ти февруари 2015 година со кое предупредува веднаш да запре објавувањето и емитувањето на овие материјали е обид за цензура. Потребно е да се знае дека новинарите и уредниците во МРТ во својата работа ги штитат Уставот (членот 16), Европската конвенција за човекови права (членот 10), цитираните законски одредби од ЗААМУ, Статутот на МРТ како и Кодексот на новинарите на Македонија.
Од ова може да се заклучи дека јавното обвинителство се става во улога на главен уредник на сите медиуми и против уставно прави обид за цензура на теми од висок јавен интерес. МРТ не смее и не треба да се крие зад ова соопштение. Истовремено, треба да се потенцира дека за уредништвото не беше проблем да се објават видео снимки добиени со посебни истражни мерки, кои се однесуваат за тековен судски случај чие објавување е казниво по закон.
Земајќи ги предвид последните политички случувања сметам дека е од висок јавен интерес граѓаните да бидат целосно и сеопфатно информирани од медиумите како што предвидува Уставот и законот особено од јавниот радиодифузен сервис кој се финансира од сите граѓаните.
Од тие причини барам, да се упати јавен повик до МРТ во кој ќе се бара јавниот радиодифузен сервис да се придржува до законските одредби со што ќе придонесе да се исполни неговата улога во македонското општество.