Предлог измените на Законот за работните односи кои се однесуваат на продолжувањето на работниот век на 60 судии и 13 обвинители се причината поради која вчера зовре ситуацијата на седницата на Комисијата за европски прашања, па претседавачот Арбр Адеми ги гаѓаше со разни предмети пратениците од опозицијата.
Невообичаено е што предлагач за овие измени е Министерството за труд и социјална политика, а потписник е вицепремиерот Артан Груби ссо цел законот да добие европско знаменце.
Според власта, со ова законско решение се решава моменталниот проблем на немање на нови профилирани кадри на судии и обвинители, кои би ги замениле оние кои во наредните три години би заминале во пензија, колку што е и временската важност на овие одредби.
Но, опозицијата обвинува дека со овој закон власта всушност сака да им го продолжи работниот век на судиите и обвинителите кои одлучуваат по нејзин диктат.
Како што објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ за да се продолжи мандат на судии и јавни обвинители, истото треба да се уреди во Закон за судовите и Законот за јавното обвинителство.
За промена и измени на овие закони потребно е двотретинско мнозинство. Останува големото прашање зошто министерот за правда Тупанчевски дозволува споменативе закони да бидат суспендирани и промени кои што се однесуваат на судската власт, овде во Собранието да се шверцуваат во закони кои не смеат да го регулираа тоа.Во уставот, не случајно е утрврдено дека споменатите закони се носат со двотретинско мнозинство. Судската власт мора да биде независна, а не слуга на власта. Наместо ветинг добиваме спорно продолжување на мандати на судии со закон предложен од Владата, а потпишан од Артан Груби, велат од партијата.
Според Левица и нејзиниот лидер Апасиев, со овој закон 60 слуги на власта, кои се стари судии, треба да продолжат да судат уште 3 години, само за да го штитат криминалот на СДСМ.
Апасиев тврди дека не само што не недостасуваат судии, туку има и превработеност.
Во воведот на овој закон го нема суштествениот дел кој го бара Деловникот, a вие како претседател треба да воспоставите пракса, доколку нема цитирано изворен акт на Европската унија, да ги враќате овие закони со eвропско знаме.
Но, смислата на овој закон е во предниот период, односно дека нема кадри од Академија за судии, па ќе падне бројот на судии под потребниот, што е ноторна лага. Ние имаме ПРЕВРАБОТЕНОСТ на судии, имаме 500 судии, а според ЕУ треба да имаме 400 судии, рече вчера Апасиев во Парламентот.