Во петокот (25.2.2022 година) во Стопанската комора на Северна Македонија претседателот Бранко Азески потпишуваше посвети на својата најнова книга „Што ни се случува?“, која излезе од печат деновиве. Граѓаните имаа можност да добијат бесплатен примерок во кој се изнесени јавните настапи (интервјуа, колумни, говори) и ставови на органите и на телата на Комората за клучните прашања од економскиот живот на државата.
Насловот на книгата е извлечен од колумната на господинот Азески објавена на 27.3.2020 година во неделниот магазин „Фокус“, во која тој на прецизен начин ги предвиде збиднувањата и последиците од пандемијата врз економскиот живот. Во таа колумна, анализирано од денешен аспект, се потврдува дека неизвесноста и натаму продолжува, дека државата не може до недоглед да финансира и дека ќе мора да се преземе нешто друго, но и дека во овој двегодишен период Комората беше на висина на задачата, особено со поддршката за отворање на закочените коридори за снабдување, но и со функционирањето на Кризниот штаб, со секојдневните конференции, со помошта околу вакцинирањето, со предлозите за донесување на владините економски пакет-мерки итн.
Сѐ на сѐ, книгата потврдува дека државата во овие две години му помогна на бизнисот. Сега е време кога треба да си помогнеме сите заедно, а на крајот ќе дојде време кога бизнисот ќе ѝ помогне на државата.
ПР