Лобирањето за блиски компании и функционери биле дел од причините за заладувањето на односите меѓу Зоран Заев и неговиот наследник на лидерската и премиерската позиција Димитар Ковачевски, но Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Миле Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Али Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал, пишува неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Според информации од повеќе извори, Заев лобирал за одредени компании што соработувале или требало да соработуваат со институции, но, пред сѐ, со една државна фирма. Покрај тоа, тој често ургирал за одредени именувања на функционери, но и реагирал кога некој негов близок ќе биде разрешен, како што се случи периодов со една директорка на инспекторат.
Ако тоа донекаде било толерирано, капката што ја прелила чашата бил изборот на Ислам Абази за нов обвинител за гонење организирал криминал. Како што неофицијално дознаваме, Заев реагирал зошто СДСМ така лефтерно дозволил Ахмети да го истурка Абази за наследник на Вилма Русковска, наместо поцврсто да застане зад Ермон Незири, за кого очигледно се навивало во Струмица.
Во цела ситуација има уште еден фактор што уште повеќе ги компликува односите – генералниот секретар на СДСМ Зечевиќ, кој одлично профункционира во тандем со Ковачевски, но не и со сите влијателни сопартијци. Познавачите велат дека постои голем степен на недоверба меѓу Зечевиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради тоа што многумина во Зечевиќ препознаваат амбиции за да му ја земе фотелјата на Спасовски во МВР, иако самиот го негира тоа.
Можеби тој не работи за да обезбеди трансфер во владата, ама успеа да воспостави одредена контрола врз Агенцијата за национална безбедност, што, пак, дополнително му ги наруши односите со Заев. Како што е познато, на местото на Виктор Димовски, нов директор на АНБ стана Заре Милошевски, кој важи за близок до Зечевиќ. Но, проблемот настанува поради тоа што Милошевски и неговото семејство одамна се обележани како „бранковисти“.
Како што веќе пишувавме, Милошевски е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување ВИП личности и објекти, кој во минатиот период испорачуваше низа критики до Заев, додека истовремено го фалеше Бранко Црвенковски. И покрај тоа што новиот директор на АНБ добил позитивна препорака од САД, сепак, Заев сметал дека Зечевиќ одработил за да застане на чело на АНБ.
Неофицијално, Заев изразил каење што го поддржал Ковачевски да застане на чело на СДСМ, велејќи дека направил погрешен избор. Како можно решение за моментално амортизирање на проблемите, тој го смета разрешувањето на Зечевиќ, на чие место предлага да дојде Венко Филипче, кој не исклучи политички камбек, велејќи дека е млад за политичка пензија. Сепак, Ковачевски одбил да го жртвува Зечевиќ.
Висок партиски функционер вели дека Ковачевски првично реагирал смирено, порачувајќи дека ако не ја бива работата и нема простор за работа, сам ќе си замине како што дошол. Арно ама, подоцна зазел малку поинаков курс, а дека нема намера да се повлече произлегува и од неговиот тон во новогодишното интервју за „Фокус“, каде што тој изјави дека е убеден во победа на СДСМ на следните редовни парламентарни избори во 2024 година.
–Ако го земете предвид резултатот во изминатите 10 месеци, резултатите што ве уверувам дека ќе ги постигнеме во следната година, на изборите во 2024 година, СДСМ ќе ја предводи идната европска влада на Северна Македонија – рече Ковачевски, кој во однос на прашањето дали има комуникација со Заев и со другите поранешни лидери и колку тие се вклучени во партиските процеси, одговори дека сите во рамки на нивните можности учествуваат и во активности на партијата.
Иако размислувал да активира пратеници, членови на Централниот одбор и други блиски сопартијци, на кои изминатиот период им се јавувал, сепак, Заев привремено се повлекол, делумно и по сугестии од меѓународната заедница, која моментално не поддржува враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт поради нивниот отпор кон уставни измени. А, концептот на Заев е токму заедничко владеење на ВМРО и СДСМ, со цел изолација на ДУИ и Левица, но и спас од можен реваншизам по промена на власта.
Всушност, Заев ја реафирмира старата идеја за германски модел во Македонија, која своевремено ја исфрли во јавност, кога играше на картата дека Митко Јанчев ќе застане на чело со ДПМНЕ со помош на „мериот групацијата“. Но, сето тоа пропадна, па сега Заев мора да работи директно со Мицкоски. Иако двете страни негираат дека имало средба меѓу нив, дипломатски извори уверуваат дека двајцата имаат неколку канали на комуникација.
Така, порано тоа беше еден поранешен вицепремиер со релации и со Заев и со Мицкоски, потоа пораки се разменуваа преку двајца поранешни пратеници на СДСМ и ВМРО, кои често периодов конструктивно дебатираат на многу ТВ-емисии, а денес тоа е еден струмички бизнисмен. Згора на тоа, истите извори тврдат дека Заев и Мицкоски лани во декември имале долга средба во град во Источна Македонија…
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.