Што ја расипува кохезијата на „огнената група“ во ДУИ?

Дел од „огнените“ сметаат дека е грешка да се бојкотираат внатрепартиските избори и дека не треба без борба да ги препуштат ограноците, како што се случи во Чаир.

by Фокус

„Огнената група“ која функционира како фракција во ДУИ се соочува со судир на концепти како да продолжи да делува понатаму – дали да продолжи да води битка за промени внатре во партијата или пак да се издвои во посебно движење, па дури и партија.

Првата опција ја застапуваат градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта, поранешниот министер и вицепремиер Муса Џафери, додека зад втората опција стои пратеникот Изет Меџити и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.

Официјално, негираат дека има проблеми во фракцијата, туку посочуваат има разлики што ќе се пеглаат во меѓусебни дискусии, кои треба да се интензивираат за десетина дена. Меѓутоа, извори од „огнената група“ велат дека ситуацијата не е за потценување.

Според нив, првата група смета дека тие може да имаат успех ако делуваат внатре во ДУИ. Во спротивно, сметаат дека ќе го загубат авторитетот кај членството на „интегративците“, а воедно имаат став дека нова партија ќе биде осудена на неуспех.

Воедно, тие веруваат дека Меџити требало да влезе во трка за нов мандат на чело на чаирскиот огранок. Како што е познато, тој го бојкотираше овој процес, оценувајќи го како нестатутарен и фингиран, па за негов наследник беше избран Беким Незири.

Инаку, Меџити во неколку наврати не ја исклучува можноста за формирање на нова партија, велејќи дека нема да биде чудо ако го направат тоа. Тој и неговите приврзаници сметаат дека просторот за делување внатре во ДУИ е целосно стеснет, па решението треба да го бараат надвор.

Во таа насока, тие сметаат дека треба да размислат и за формирање на блок со албанските опозициски партии Беса и Алтернатива, кои меѓу себе веќе си подадоа рака на соработка, што е голем чекор напред кон создавање на опозициски фронт.

„Огнените“ се подалеку од Ахмети, ќе си подадат ли рака со Касами и Гаши?

За разлика од Меџити, пак, според неофицијални информации, Беџети најавил дека ќе влезе во трка за Сарај. Случајно или не, ДУИ не спроведе избори и за овој скопски огранок, веројатно поради дилеми како ќе заврши процесот.

Семејството Асани се враќа во ДУИ на голема врата: „Пајакот“ го елиминираше Беќир, во игра влезе Муарем!

В.С.

Поврзани новости