Што има контроверзно во врска со Ванчо Михајлов? Ништо!

by Фокус

Тој човек е чист Бугарин, роден во Македонија. Според сите тертипи, да се биде Бугарин не претставува никаков грев. Тука нема ништо контроверзно. Нема контроверзија, напротив има категоричност, во неговиот став дека не постои македонска нација и македонска самобитност.

Пишува Ана ПАНОВСКА

Значи… да се разбереме! Ванчо Михајлов не е никаква КОНТРОВЕРЗНА ЛИЧНОСТ!!! Како да го вртат, како да го анализираат и како да го претставуваат нашите полуписмени политичари, ТВ-водители и пробрани интелектуалци, не можат ништо да сменат од фактите и вистината за него. Но, затоа можат да не интелектуализираат и да се расфрлаат со латински изрази чие значење точно не го разбираат.

Што има контроверзно (спорно) во врска со Ванчо Михајлов? Ништо!

Тој човек е чист Бугарин, роден во Македонија. Според сите тертипи, да се биде Бугарин не претставува никаков грев. Тука нема ништо контроверзно. Нема контроверзија, напротив има категоричност, во неговиот став дека не постои македонска нација и македонска самобитност.

Ванчо Михајлов не ги перципирал Македонците како посебен народ, туку ги доживувал како заблудени чисти Бугари. Јасен и тврдоглав став кој не претрпел ни најмало колебање, никакво поместување, никаква модификација сè до крајот на неговиот долг живот исполнет со злосторства, атентати, криминали. Овој задрт Бугарин, чинам, просто се напрегнал да живее речиси сто години само за да дочека еден за него убав ден да се споиме со Бугарија, негирајќи го дури и ноторниот факт за постоењето на македонската држава со македонски народ во неа.

Ванчо Михајлов бил фашист! Нема спорење! Нацист! Соработник на Мусолини, на Анте Павелиќ и следбеник на Хитлер, сите тројца без никаква контроверзија историски дефинирани како злосторници против човештвото. Дури имал и средба со Хитлер, кроеле планови за Македонија, но од тоа ништо не успеал да спроведе, зашто тој злосторнички мрачен тип тогаш против себе го имал овој, „непостоечки“ за него, македонски народ.

Но, Ако гледаме плитко и површно некој може во исказите на Ванчо Михајлов да пронајде некоја контроверзија. Навидум, има една привлечна, подмолна, гадно валкана теза од Ванчо Михајлов, која во суштина е јадец, пајакова мрежа на која се налепуваат како муви без глава некои овдешни, таканаречени патриоти од каде што и ја извлекуваат „контроверзијата“ во врска со овој лик – „Независна Македонија, Швајцарија на Балканите“.

Ставот на овој македономрзец бил дека постои територија Македонија (и за неа се борел), но дека таму нема народ македонски, туку само бугарски и по некој ситнеж од други народи! Истава анахрона теза денес ја тркала низ уста и денешната официјална бугарска политика, која во секоја пригода со фалешници потенцира дека Бугарија е првата земја што меѓународно ја признала државата Македонија! Ах, тутурутки македонски!

Уште и со аплауз и длабока благодарност го дочекавме овој данајски подарок − опасен, подмолен, лукав подарок подаден од непријателска рака. И што сега? Го примивме, не во облик на дрвениот коњ од Троја, туку во облик на „Клуб на Ванчо Михајлов ВМРО“ од Битола. Бугарскиот државен врв ликуваше во триумфот сред Македонија, а ние почнувајќи од власта, опозицијата и граѓаните, како помочани, засрамено, немо посматравме и повторно недугаво се надеваме дека Европа овој бугарски тежок политички ексцес ќе го прокнижи во наша корист!

Додуша, кај овој настан во Битола ме буни уште нешто зошто никој во медиумите не го кажа целото име на Клубот, па моравме од снимките сами да видиме дека над влезот стои натписот „Клуб Ванчо Михајлов ВМРО“. Нашиот Мицковски не виде ништо провокативно во тој натпис за него и за неговото ВМРО-ДПМНЕ! Ако! Нему изгледа не му пречат Ванчо Михајлов и неговата непријателска пропагандна политика врз која е накалемена денешната бугарска политика кон македонскиот народ, македонскиот јазик и идентитет.

Како и да е, бугарската политика се наслика покрај ликот и делото на фашистот Ванчо Михајлов, а ние повторно се надеваме дека од настанот во Битола ќе извлечеме некој ќар и дека Европа конечно ќе сфати какви се вистинските намери на Бугарија кон нас. Туку, ајде да почекаме, да видиме дали по некој месец ќе се тргне ветото од Бугарија.

Жал ми е за Албанија што ни крива ни должна ја трпи нашата мака. И неа Европејците ја држат на мраз, божем заради нас, зашто имале став двете земји заедно да ги почнат преговорите. Но ако на Бугарија ѝ успее да го спречи нашиот влез, а да ѝ помине барањето само Албанија да ги започне преговорите, тогаш е време нашиот цел државен и политички врв преку Собранието да изгради став за ставање вон сила на Договорот за добрососедство со Бугарија, за повлекување на сите комисии (историски, економски, културни), па како сака нека биде!

Издржавме досега, ќе издржиме и отсега! Македонија ќе си бара чаре со некои други вистински пријатели, тука во соседството, со некои вистински пријатели од европските земји кои нè разбираат и сакаат да ни помогнат во нашиот натамошен развој и нашата заложба за приклучување кон Европската Унија. Како и да е, некако ќе се снајдеме, но конечно треба да ни стане јасно дека нашиот пат кон Европа не поминува низ Софија!!!

Поврзани новости