Што ги поврзува Кекеновски, Петровски и дел од реформаторите во вмровската фракција?

by fokus

Пред половина месец беше промовирана Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, во чиј состав се ФРОДЕМ на Јове Кекеновски, Филип Петровски и неговите поддржувачи, како и дел од таканаречните реформатори. На својата прва прес конференција рекоа дека  се основани врз основа на уставно загарантираните човекови слободи и права, заради остварување и заштита на личните и политичките слободи и права, а истовремено инспирирани од практикувањето на партиската демократија во европските сестрински народни партии.

Како најистакнати личности од Фракцијата се издвојуваат долгогодишните членови на ВМРО-ДПМНЕ, Јове Кекеновски и Филип Петровски, кои додека Никола Груевски беше на чело на партијата имаа дијаметрално спротивставени ставови. Но, и двајцата велат дека не станува збор за нивен „спој“, туку за спој на повеќе структури.

-Прво, не се работи за спој на Јове Кекеновски и Филип Петровски, туку се работи за Демократска фракција на ВМРО ДПМНЕ во која пристапија ФРОДЕМ, дел од Иницијативата за реформи во ВМРО ДПМНЕ (оние кои не ги интересирааа понудените позиции, туку принципите), Филип Петровски со неговите поддржувачи, како и други личности, членови на партијата кои не се согласуваат со начинот на раководење на партијата и насоката во која ја води наметнатото партиско раководство. Како долгогодишни сопартијци (најголем дел, членови од самото основање на партијата) не можеме да се согласиме и да дозволиме понатамошна централизација и узурпација на партијата од страна на највисоки партискиот врв. Основа на нашето спојување не се нашите карактери, или нашето политичко-партиско дејствување и индивидуални размисли и ставови во минатото, туку прифаќање, почитување и практикување на една демократска платформа на Фракцијата која ја објавивме јавно. Фракцијата функционира врз основа на принципи, има своја визија, мисија и свои цели и тоа е обединувачкиот фактор. Се додека се почитуваат овие принципи нема и не смее да има никаков проблем, вели Кекеновски во изјава за „Фокус“.

И Филип Петровски е на иста линија, дека не се работи за негов спој со Кекеновски, а намерата Фракцијата да се сведе на две имиња според него е за да се даде негативен контекст.

-Прво, не се споивме јас и Јове, туку повеќе структури. За жал тоа беше сведено на две имиња со намера да се прозиведе негативен контекст. Во фракцијата има повеќе структури на незадоволни членови и реално над половината членови на патријата на овој или оној начин се согласува со нас. Со нас се најголемиот дел на реформаторите. Ќе потсетам дека само десетина луѓе се приклучија еднострано на врхушката,
а дека реформаторското крило е со нас во Фракцијата. Тоа е во најмала рака третата структура, ако едната е Јове, а другата јас. Во суштина се приклучуваат постојано незадоволни членови на ВМРО кои се незадоволни од неформалната коалција на Мицкоски со Заев, вели Петровски во изјава за „Фокус“.

Тој додава дека нивната перспектива е дека членството е тоа што во иднина треба да одлучува за партиските тела, а не како што е сега, да одлучува, како што вели, некаква квази елита по принцип на негативна селекција.

К.С.

Поврзани новости