Младата струмичанка Славица Ангелова која ја однесе победата на регионалното музичко шоу ,,Ѕвездите на Гранд” со разлика од над 17.000 гласови од второпласираниот Драган Ѓуриќ, веќе втор ден добива позитивни критики и прогнози за блескава музичка кариера во регионалните медиуми.
Таа и во минатото беше дел од повеќе талент шоуа, како во земјава, така и во соседството, а на пошироката македонска јавност и стана позната по учеството на ,,Макфест” во 2019 година, каде настапи со песната ,,Љубовта не боли” и беше прогласена за најдобар дебитант на фестивалот.
Победата на ,,Ѕвездите на Гранд” освен што и донесе голема популарност во регионот, на Ангелова и донесе и повеќе награди.
Таа е добитник на автомобил во вредност од 20.000 евра, според првичните информации од марката Фиат Типо, а добива и снимање на песна и видео запис, како и голем маркетинг.
Минатогодишниот победник на шоуто исто така доби снимање на песна и спот, како и автомобил од марката Опел Корса.
Во годините наназад, повеќе победници наместо автомобил, добија стан како награда. Помеѓу нив се Дарко Лазиќ, Стефан Петрушиќ, Дарко Мартиновиќ, Мирза Селимовиќ и други.
Вики Клинчарова