Што да правиме по новото „њет“ од Бугарија?

by Fokus

Пиши ми, да ти пишам

ШТО ДА ПРАВИМЕ ПО НОВОТО „ЊЕТ“ ОД БУГАРИЈА?

Имаме пријатели тука околу нас – Србија, Грција, Албанија, Турција, имаме пријатели и меѓу ГОЛЕМИТЕ, а го имаме и оној најголемиот, преку океанот, Америка. Оваа болникава надеж, со која го очекуваме европскиот самит, ако и овојпат се изјалови, тогаш СИТЕ во оваа држава мора веднаш да онемат. Никакво занимавање со таа тема

Ана ПАНОВСКА

 

Полека, де! На европскиот континент работите ќе почнат допрва да се затегаат. Откако ГОЛЕМИТЕ од Европската Унија отворено ќе се зајадат меѓу себе чија идеја пие повеќе вода, ќе почнат да ја раздробуваат Европа, да ги растргнуваат народите на луѓе од прв ред, од втор ред и на луѓе – нелуѓе, некоиси таму мигранти. Бугарија во оваа европска приказна е само нечиј прост извршител. Таа не гледа каде оди.

Да простите, има физичка мана; во очите е шашлива, разрока… Со едното око гледа во Русија, со другото во Франција и повторно ќе ја утне патеката и ќе заврши насукана на некоја спила на Алпите, од каде што, како и во минатото, ќе ја симнуваат со јажиња за пак некако да им служи, да им вика „мерси“, и тоа за џабе – Македонија никогаш нема да ја има!!! Да требало да ја има, досега стопати ќе ја имала.

СЕ КИТАТ СО ТУЃИ ПЕРЈА

Двапати по четири години била овде, во Македонија, па како сака нека се викал тој „туристички престој“, окупаторски, административен, фашистички. Па, јас на Халкидики имам поминато речиси исто толку и не ми паднало на памет да им кројам политика на Грците. Добро, за Тодор Петров тоа не важи. Тој од тоа живее. А, бе најаден, напиен, дотеран, намирисан, во лицето вечно млад!

Еве, го гледам Горан Момировски, добар новинар, кој според мене бааги застрани, ама факт е – се искина за Македонија. Остаре пустиот, а беше дете кога Тодор Петров гостуваше на дебатните емисии на МРТ со истиов светнат изглед и истава реторика.

Но, да ги оставиме нашиве локалци да си дебатираат, да ја гледаме големата слика. Дали Европа згреши со попустливата политика кон Бугарија? Татко ми имаше обичај да каже „кинисај по бумбар, ќе те однесе на г….“. Тоа го направи Европа кога тргна по умот на Бугарија и дефинитивно се избербати. Сега, и да сака да ја повлече за уши, не може зашто политиката е како црешите, ќе фатиш една, ќе кренеш пет. По Бугарија ќе тргне Унгарија, па Полска, па… Допрва Европа ќе си ја тепа главата.

А, ние што ќе правиме по новото „ЊЕТ“, диктирано од Бугарија, на самитот во јуни?

Прво, мораме одважно и дефинитивно да престанеме да разговараме со таа земја во која не постои нејзина изворна национална свест. Земја која трага по некој свој измислен национален интерес, која копа и го бара во дворот на комшијата. Жално е за многубројните вистински бугарски, национални дејци, кои еден Радев, Каракачанов, Димитров… всушност безочно ги понижуваат, не сметајќи ги за свое национално богатство, туку запнале да се китат со туѓи перја – македонските.

ПРИОРИТЕТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

А, ние, како досега, така и отсега. Имаме пријатели тука околу нас – Србија, Грција, Албанија, Турција, имаме пријатели и меѓу ГОЛЕМИТЕ, а го имаме и оној најголемиот, преку океанот, Америка. Оваа болникава надеж, со која го очекуваме европскиот самит, ако и овој пат се изјалови, тогаш СИТЕ во оваа држава мора веднаш да онемат. Никакви анализи, никакво занимавање со таа тема. Значи, молк!!!

Вмровциве, ако сакаат да ја туркаат Владата, реално имаат толку многу „материјал“ што, ако се вешти и способни, преку ноќ можат тоа да го изведат. Но, ако ја обвинуваат владата што пропаднале преговорите, што не прифатила компромиси штетни за нашиот национален идентитет, тогаш не сакајќи ќе откријат дека во нивната политика постојат некои задни намери.

А, што се однесува до владата, и таа по тоа прашање треба да онеми. Се виде дека со арно, со љубезно ништо не бидува. Мора да се сврти и да си го гледа својот национален интерес. Пруга со Бугарија, не! Не ни треба! Не е наш национален интерес. Автопатот кон Охрид е наш национален интерес, и тоа од Скопје до крај; нов автопат кон Грција за Лерин, тоа е наш национален интерес; меѓународен автопат кон северна Албанија, што ќе ги избегне сите дуќанчиња и кучиња скитници преку Маврово; меѓународен пат за накај Подградец, Албанија, со кој ќе се спасат шетачите и капачите покрај Охридско Езеро…

Многу приоритети има оваа Македонија. Ваква комоција меѓу народот никаде нема. Треба да се работи ѕверски, како што работат нашите на Запад, ќе да видиме дека од Македонија ќе биде нешто.

Поврзани новости