(АРХИВА) Машините и возилата на Кочан го вртат бројчаникот, но во приватни џебови!

by fokus 15:00
15:00

Текстот е објавен на 2 ноември, 2021 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.361

И покрај тоа што и по две години од пресудата за случајот „Труст“ државата не виде ниту евро од 17-те милиони што требаше да се конфискуваат од Сеад Кочан, во изминатиот период се појави и нова афера. Дел од возилата и механизацијата на бизнисменот работат турбо, иако од 2017 година треба да се замрзнати, а пред повеќе од година дена и да се заклучени на некој од плацовите на Агенцијата за управување со одземен имот. Но, наместо тоа, тие ја вртат километражата и го полнат салдото на нечија приватна сметка, додека државната зјае празна

 Пишува: Валентина ВУРМО

Пред два месеца при рутинска контрола, сообраќајната полиција  на улица запрела камион во сопственост на компанијата „Трансмет“, на бизнисменот Сеад Кочан, при што е утврдено дека возилото учествува во сообраќај, иако не е регистрирано уште од 2017 година.

Освен минорниот сообраќаен прекршок веднаш се наметнува прашањето како е можно возилото сѐ уште да вози по улиците наместо да биде паркирано на некое од складиштата на Агенцијата за одземен имот? Сиот движен имот на „Трансмет“, фирма во стечај, веќе одамна требаше да биде одземен од бизнисменот и со него да се обесштети штетата предизвикана во случајот „Труст“, утврдена на 17 милиони евра.

И пред некој да помисли дека станува збор за ситен пропуст, реалноста е дека всушност се работи за очигледен системски проблем, бидејќи не едно, туку десетина возила на Кочан секојдневно минуваат низ улиците и продолжуваат да работат на градилиштата како ништо да не се случило.

А додека бизнисот врви, а Кочан ги брои деновите за да излезе од затвор, државата сѐ уште е со прстот во уста, односно не наплатила ниту денар од досудената милионска штета, која требаше да го сврти бројчаникот поставен на Триумфалната капија.

МУ СУДАТ НА СТЕЧАЈНИОТ, А ТОЈ ВОЗИЛАТА НЕ ГИ ВИДЕЛ

Но, наместо бројчаникот, овие возила, засега, вртат само помината километража, бидејќи уловени се десетина што продолжиле со истото темпо на работа како и претходно.

Аферата се открива случајно, кога на стечајниот управител на „Трансмет“, Богољуб Макрески, му стигнува судска покана. Па, така го викаат како обвинет во судот во Куманово, па во Штип, Скопје, Тетово, а тој ниту ги вози камионите, ниту, пак, располага со нив.

Стечајниот пред судовите се брани дека стечајната постапка за „Трансмет“ е отворена во септември 2019 година, а претходно со судски одлуки и правосилна пресуда за „Труст“ бил конфискуван имотот на компанијата.

Уште од 2017 година, пак, е донесена судска одлука за замрзнување на движниот имот, односно ставена е забрана за отуѓување и располагање со сите моторни возила, машини и подвижна опрема. Згора на сѐ, судот тогаш даде и рок од 30 дена по правосилноста на пресудата да се изврши конфискацијата.

Правосилната пресуда, пак, летото 2019 година била доставена до Агенцијата за управување со одземен имот за извршување, односно за обезбедување на сите возила што биле наведени.

Со наведената пресуда се конфискува целокупниот недвижен имот, подвижни предмети и моторни возила, во корист на државата. Поради тоа не е формирана стечајна маса, а стечајниот управник нема преземено во владение и располагање имот, меѓу кои и моторни возила, наведува Макревски во еден од поднесоците до суд.

Тој појаснува дека врз основа на правосилната пресуда Агенцијата за управување со одземен имот го конфискувал имотот, поради што тој не е влезен во стечајната маса. Како доказ тој приложува известување што го добил од Агенцијата.

Агенцијата за управување со одземен имот со допис од март 2020 година го известува стечајниот управник дека Агенцијата е сопственик на сите недвижности и сите подвижни предмети, наведува стечајниот управител.

Макрески појаснува и дека возилата од 2017 година не се регистрирани, односно никој не можел да даде согласност за продолжување на регистрацијата.

-Истите, пак, се движат нерегистрирани и неисправни и претставуваат опасност во сообраќајот низ државата, заклучува управителот.

АГЕНЦИЈАТА Е НАДЛЕЖНА ЗА ИМОТОТ, АМА…

По сето ова, стечајниот управител во детали објаснува дека камионот на „Трансмет“, кој бил запрен од Државниот инспекторат за транспорт на патот Крупиште-Кочани е во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот, бидејќи токму оваа возило, со наведени регистерски таблички е наведено во пресудата како имот што треба да се одземе.

И покрај ваквата ситуација, Макрески, за речиси идентична ситуација бил и осуден, и тоа од судот во Куманово, на глоба од 100 евра. Од пресудата, пак, може да се види дека тогаш запреното возило не се движело туку-така, за некој само да се развозува, туку итало за работа.

На автопатот ГП Табановце, поточно кај клучката Крива Паланка -Куманово бил запрен камион „МАН“ и полуприколка натоварена со бушалица. Сообраќајните инспектори утврдиле дека должината на товарот бил поголем од дозволеното, а возачот немал одобрение за вонреден превоз.

Но, наместо да се истражува каде и кој бушел со бушалицата на Кочан, случајот се затвора тука со парични глоби кон возачот, стечајниот управител и фирмата во стечај.

Од информациите на „Фокус“, кои произлегуваат и од судската документација, овие возила се „фатени“ на терен, каде што се изведуваат градежни работи. Па така, дури четири камиони биле затекнати кај клучката Кочани-Штип, каде што се прави пат, па на патот Штип-Радовиш и Крива Паланка, исто така во близина на градежна офанзива.

Она што, исто така, е нејасно, е зошто возилата веднаш не биле отстранети од сообраќај при сообраќајните контроли, како што налага законот, туку им е дозволено да продолжат да се движат?

Извори на „Фокус“ откриваат и дека дел од механизацијата се користи и при ископи кај два рудника, а можат да се забележат во нивна непосредна близина.

Обвинителот Гаврил Бубевски е дециден дека обвинителството за овој предмет ја завршило својата работа, а за конфискуваниот имот сега е надлежна Агенцијата за управување со одземен имот.

Токму затоа на оваа адреса го испративме и следното прашање:

„Дел од возилата на „Трансмет“, кои се најдоа на списокот на движен имот кој треба да се конфискува од компанијата, по правосилната пресуда за Сеад Кочан, и понатаму се движат по улиците, за што сведочат прекршочните постапки против стечајниот управител, бидејќи овие возила најчесто не се регистрирани од 2017 година. Зошто овие возила не се запленети од Агенцијата?“

Од Агенцијата, пак, топката ја префрлаат кон стечајниот управник.

Неспорно е дека со правосилната пресуда извршена е конфискација на возила и опрема, но од извршениот увид во документацијата на овие предмети, а во соработка со стечајниот управник, се утврди дека над овие подвижни предмети  е воспоставена рачна залога.

Со цел да се огради од евентуална штета над истите, бидејќи истите ќе бидат предмет на извршување пред извршителите, Агенцијата не пристапи кон нивно физичко одземање, а за тоа дали истите се пуштаат во сообраќаен промет, одговорен е стечајниот управник на ТРАНСМЕТ ДОО Скопје, а не Агенцијата, се наведува во одговорот што ни го испратија.

ПРЕД ЕДНА ГОДИНИ МИСЛЕЛЕ ПОИНАКУ

Но, за разлика од овој одговор, во 2020 година, Агенцијата го тврдела спротивното. Односно, испратила допис до „Трансмет“, во кој јасно наведуваат дека Агенцијата е надлежна за сиот имот. Појаснуваат дека во неколку наврати имале состаноци со стечајниот Макрески и негови вработени и првично било договорено од нивна страна да се лоцираат возилата за да може да ги преземе Агенцијата за, како што се вели, да управуваат и владеат со нив како единствени сопственици.

„Нема никаков договор, ни доставен правен акт со стечајниот управник Макрески да има добиено одобрение од наша страна да управува со имотот. Се оградуваме ние како институција и воедно доколку видиме дека ќе трпиме штетни последици, ќе поведеме соодветна постапка пред надлежните институции“, се наведува во дописот.

Во него и се појаснува дека бил свикан состанок со судијката Лидија Зимбовска, која ја донела пресудата „Труст“, со која се конфискува и сиот имот.

-Беше сугерирано дека државата има предност во наплатата и конфискацијата пред сите други институции, така што сопственоста на сите недвижности и управувањето со сите подвижни предмети е во наша надлежност, каде што вие како претставници од фирмата имате забрана да вршите предавање на имотот и негово отуѓување на други институции, приватни лица и фирми без наше одобрение и согласност.

Никој нема право да врши преземање на имотот и имотната корист. Од наша страна ќе бидат спроведени дополнителни законски постапки за заштита на нашето право, се наведува во дописот на Агенцијата до „Трансмет“.

Дека стечајниот не е виновен за тоа што возилата незаконски работат со полна пареа, одлучил и Кривичниот суд во Скопје. По една од многубројните прекршочни пријави против Макревски, судот пред еден месец донел ослободителна пресуда.

Од пресудата може да се види дека возилото било запрено во Скопје, бидејќи имало поголем товар од дозволеното. Но, во текот на рочиштето, судот утврдил дека сиот движен имот, меѓу кои и камионот што го направил прекршокот е конфискуван во корист на државата, поради што не е формирана стечајна маса, а стечајниот управител не располага со имотот.

„Конкретниот прекршок е сторен во ноември 2020 година, откако возилото со правосилна пресуда е конфискувано во корист на државата и во сопственост, владение и управување на Агенцијата за управување со одземен имот“, се наведува во пресудата, поради што стечајниот и фирмата се ослободуваат од одговорност.

На крајот на пресудата, пак, се наведува и ова, дека трошоците за ова судење, од околу 300 евра, паѓаат на товар на државниот буџет.

Односно, покрај тоа што државата не виде евро од имотот на Кочан, згора на сѐ, наместо да се дополни, дополнително се цеди државниот буџет!

ДРЖАВАТА ПРВА ДА СЕ ОБЕСШТЕТИ

Во овој случај не е тешко да се претпостави дека некој дебело заработува, искористувајќи ги возилата на бизнисменот Кочан, додека надлежните не можат да го пребројат и осигураат неговиот имот. Исто така, сѐ уште не се знае кој ќе има предност во наплатата на долговите, односно дали државата или, пак, доверителите.

Имено, конфискуваниот имот не е чист, бидејќи е оптоварен со залог и хипотека.

Обвинителите со кои разговаравме велат дека вакво нешто се случува за првпат, па затоа и сега имотот е во мат позиција. Тие се едногласни дека се потребни законски измени, а веќе и се работи на нив, со кои државата во вакви случаи би била прва во редот за обесштетување.

Ваква дилема немаше судијката Зимбовска, која во пресудата за „Труст“ напиша дека предност во однос на имотот треба да има државата.

Во таа насока одеше и претходното објаснување од Агенцијата, дека наишле на пречка, по однос на донесеното решение за пренос на сопственоста на 26 недвижнини, распоредени на 19 имотни листови и 204 возила и машини.

– Изречената мерка конфискација на имот е неспроведлива од причини што целокупниот имот (што значи и недвижен и движен имот), за кој е изречена мерката, е под хипотека и залог, каде што како доверител се јавуваат неколку банки, појаснуваа од Агенцијата.

И додека трае натегањето кој има предност врз имотот на Кочан, тој полека, но сигурно се подготвува да се врати на слобода.

Бизнисменот е осуден, бидејќи како управител на „Трансмет“, со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.

Тој веќе одлежа една половина од казната, поради што и побара помилување од претседателот Стево Пендаровски. Поточно, бизнисменот веќе две години и два месеца е зад решетки, бидејќи во „Идризово“ влезе во 1 август 2019 година, а неодамна до Министерството за правда поднел барање за помилување.

Од Министерството ни одговорија дека по барањето не е одлучено, односно министерот Бојан Маричиќ сѐ уште не дал предлог. Покрај неговиот став, сепак, последниот збор ќе го има претседателот Пендаровски.

Според Законот за помилување, постапката за помилување е следна.

Осуденикот најпрвин поднесува молба до судот што ја донел првостепената судска одлука. Молбата, заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда.

Откако министерот за правда, во случајот Маричиќ, ќе ја разгледа молбата, со свој предлог ќе ја испрати до претседателот Пендаровски. Случајот тогаш го презема Комисијата за помилување на претседателот, која носи мислење и истото го доставува до претседателот.

Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот Пендаровски ќе ја донесе конечната одлука, односно дали ќе го помилува Кочан и ќе му дозволи предвреме да излезе на слобода.

ЌЕРКАТА НА КОЧАН ГО ПРОДОЛЖИ БИЗНИСОТ

Дури и да не добие помилување, бизнисменот за една година би излегол на слобода, по издржани две третини од казната.

Во меѓувреме, пак, неговата ќерка одлучи да го продолжи семејниот бизнис, односно во февруари годинава основа компанија со приоритетна дејност – изградба на патишта и автопати.

Според податоците во Централен регистар, новата фирма се вика „Аваз Холдинг“, друштво за градежништво, транспорт, производство и трговија.

Управител е Осман Муртеза, поранешен инженер на „Трансмет“ за автопати и патишта. Инаку компанијата на ќерката на Кочан, заедно со уште едно физичко лице се јавуваат и како сопственик на компанијата „Технопат“, основана еден месец подоцна, односно во март годинава, а управител и во оваа компанија се јавува Муртеза.

Фирмата на „Трансмет“ на Кочан, пред да отиде во стечај, работеше и на автопатот Кичево – Охрид, како и на реконструкција на скопската обиколница. „Трансмет“ беше најпознат и по ископот на јаглен за потребите на АД ЕСМ.

Бројчаникот, иако досега требаше, не ги сврти ниту 17-те милиони евра на бизнисменот. Тој во 2019 година беше правосилно осуден на затворска казна од 4 години и 8 месеци, а покрај тоа што ја изгуби слободата, требаше да остане и без милионите. Но, по две години, побргу се очекува Кочан да излезе од затвор, отколку парите да легнат на државната сметка.

Во меѓувреме, пак, неговите машини не мируваат. Работат турбо, но надлежните и при очи не сакаат да видат чие банкарско салдо го полнат.

Нашиот  Кривичен законик предвидува дека никој не може да ја задржи непосредната и посредната имотна корист прибавена со кривично дело. Конфискација е процес на трајно одземање на имотот што сторителот го стекнал на незаконски начин.

ЕУ има големи очекувања кога станува збор за финансиските истраги, поради што добиваме чести забелешки во извештаите за напредокот.

Алатките на земјата за замрзнување, управување и конфискување на криминално стекнатиот имот не се доволно ефективни“, се наведува во еден од годинешните извештаи на ЕК.

Според академик Владо Камбовски,конфискацијата, всушност, подразбира почитување на начелото дека од неправо, никогаш не може да стане право“.

Случајот со Кочан, пак, го покажа токму спротивното. Конфискацијата стана нечие приватно право да ги полни џебовите, и тоа на сметка на државата.

ДУРИ 85 ВОЗИЛА НА КОЧАН РАБОТАТ СО ПОЛНА ПАРЕА

За тоа што возилата на „Трансмет“ се постојано на улиците и на терен, стечајниот управител го информирал и Министерството за внатрешни работи.

Им појаснил дека по пресудата за „Труст“ се конфискува целокупниот недвижен имот, подвижни предмети и моторни возила.

„Поради тоа не е формирана стечајна маса, а стечајниот управник нема преземено во владение и располагање имот, меѓу кој и моторни возила“, се наведува во дописот.

Во него се појаснува и дека Агенцијата за управување со одземен имот имала рок од 30 дена да го конфискува имотот.

„Тоа го сториле со недвижниот имот и извршиле упис на право на сопственост, а подвижниот имот опрема и транспортни средства формално ги одземала, но фактички не ги презела и ги оставила трети лица неосновано да стопанисува со нив, потенцирал Макрески.

Се работи за 85 транспортни средства што работат повеќе градежни и други активности, и тоа: на изградба на автопатот Кичево – Охрид, патот Штип – Кочани, Штип – Радовиш, Рудник Бучим и други локации, се наведува во дописот.

Стечајниот од МВР бара да ги лоцира овие возила и да ги исклучи од сообраќај.

Ова до толку повеќе што товарните и други моторни возила се нерегистрирани, а некои од нив и технички неисправни, а со нив стопанисуваат неовластени лица“, предупредил стечајниот управител МВР во март годинава.

 

Поврзани новости