Што беше тоа бакшиш?

by lali 14:08
14:08

Македонската транзиција смести некои добри навики на нашите луѓе засекогаш во историјата. Покрај другото, причината за тоа може да се бара во еден нов слој луѓе, кои ги запоседнаа угостителските објекти, кои не обрнуваат внимание претерано за нешто што беше традиција или само добар гест.

На пример, на келнерот да му се остави бакшиш. Откако респектирањето што некој ве послужува е заменето со понижување на тој што ве послужува, речиси го снема и бакшишот. Иако многумина келнери самите се одговорни за лошото однесување на гостите, причината и последицата на еден однос, кој во минатото се базираше на заемно почитување, никој нема да може да го определи.

- Advertising -

Типсот или бакшишот е дел од кафеанската култура. Некогаш, никому, без разлика дали седи и јаде во ресторан или стои и пие кафе во бар, не му паѓаше на ум да си го собере кусурот од десет-дваесет денари.

Денес нештата се делат по некоја новологика: дека ако јадеш во ресторан евентуално оставаш бакшиш за келнерот, но и сумата е прашање на општа култура. Келнерот беше предмет на подбив во последните реклами на владата, но тоа е еднострано гледање. Ако некогаш важеше тезата дека гостинот е секогаш во право, таа повеќе не може да се земе за валидна зашто подразбира гостинот да има општа кафеанска култура. Инаку, на келнерот ќе му биде многу тешко да се однесува во согласност со позицијата.

Станува лут и непристоен кон тие што не го почитуваат и кои си мислат дека е тоа природно однесување. Да му подвикнат, да го гледаат од високо, да го оставаат да чека, да му ги враќаат нарачките, да не го замолат љубезно.

Келнерот пред триесет години беше професија. Тоа обично беше маж што носи бела униформа, стручно го држи послужавникот, се однесува речиси господски, но истовремено сервилно кон гостинот. Се смешка, не е студент, не е незрел. Со време се подзаборава, па станува невнимателен, повеќе не може да стои осум часа на нозе, ќе му се протне по некоја дамка на белата униформа. И, на крајот, ќе оди во историјата. Ќе го замени многу понеискусен, многу помлад келнер, кој се прилагодува на потребите на новото време. Многу често ќе бара рамноправен однос со гостинот.

Оттаму ќе дојде и недоразбирањето. Ако некој јаде шкампи, несоодветен е бакшишот што ќе го остави речиси срамежливо: две метални пари. Дваесет денари. Кој се понизил, може да се претпостави.

Ова не е обичен текст, кој сака да констатира фактичка состојба, туку да повика: оставете бакшиш! Треба да поминеме низ старите школи на заемно почитување и враќање на старите вредности. Некои костумосани момци и штиклосани девојки ќе мораат да учат правила на бон тон за да станат соодветни кафеански гости.

Препознавањето е една од работите што ги привлекува едни кон други: гостите и кафеанџиите. Вториве, неосновано сметаат дека не важи правилото за нивниот вработен: дека тие не можат толку малку да го платат, колку што тој може малку да работи. Истото важи за гостинот: никогаш не може да биде понекултурен со келнерот и да бара повеќе, колку што тој може да врати со занемарлив однос.

Заштитен знак на кафетериите и на кафеаните некогаш беа келнерите. Препознавањето беше една од причините што беа полни, но и причина зошто беа славни. Келнерите, бармените и сопствениците беа исто толку славни, колку местото што го правеа. Ако многу ретко кај нас ресторанот е познат по славно готвачко име, познато е по славен газда.

Тоа што денешната слава не може да се мери со некогашната е во тоа што малкумина, освен профитот, имаат навистина друг интерес со бизнисот што го водат. Осамените случаи го потврдуваат правилото: опстануваат и остануваат, ја имаат заслужената слава, сакани се, тие се цел на патот, а не попатни станици.

Ако сте заборавиле, да ве потсетиме. Стара традиција е да му се остави бакшиш на келнерот. Тоа значи дека го почитувате неговиот труд, тоа што ви е при рака, што ве прашува дали кафето е добро и немојте да му забележите ако не ве праша наредниот пат. Зашто можеби не сте заслужиле.

Немојте да си мислите дека негова задача е да ве гледа во очи и да ви носи кафеав шеќер зашто бил помалку калоричен. Или, дури и да мислите, од љубезност треба барем да му заблагодарите.

Келнерот не е тој од рекламите на владата за ендемските видови. Келнерот е институција, ако му дозволиме да си ја одигра улогата на ресторанската сцена. И тој е човек како и секој друг, со лоши и со добро денови.

И оставете му бакшиш! Тоа е дел од вашата општа култура. Нема да стане побогат со вашите пари, но од нашето скромно искуство во врска со овој потег, тоа има свое друго значење. Ќе видите, кога вторпат ќе треба да ве послужи.

Поврзани новости