Владата купува автобуси, а ги плаќа како да се авиони!

by Фокус 14:00
14:00

Текстот е објавен на 26. јуни 2009 година во 730. број од неделникот „Фокус“.

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

- Advertising -

Пред триесетина години, нашиот ФАС „11 Октомври“ пласирал 600 автобуси на кинескиот пазар. Постарите ја помнат зделката меѓу Тито и неговите другарчиња од Пекинг, која била целосно реализирана, со само една мала фалинка: по долго пловење, автобусите никако не можеле да збрчат на кинеско тло. Останале во бродот, додека не се нашле нови акумулатори, затоа што вградените во Скопје – цркнале до последниот. Нејсе, од тој бизнис имало ќар за сите во бившата ни држава. Денес, пак, тркалцето се сврте, па, додека нашите „саноси“ сѐ уште можеби се тркалаат по кинеските патишта, ние решаваме на Кинезите „да им вратиме мило за драго“. Тие 600, ние 300, ама со „поткровје“. Е, не, песна ќе им пееме. Македонецот никому не останал покусо… Чиста сметка, долга љубов!

Значи, Груевски реши да ги врати скопјани во педесеттите години од минатиот век. Во главниот град повторно ќе шпартаат катни автобуси, популарно наречени даблдекери. Тоа можеби не е баш добро, ама можеше да биде и полошо. Замислете да решеше, времепловот да застане во четвртиот век пред Христа? Каде сега ќе баравме 300.000 коњи, и тоа за почеток, за итни потреби во справувањето со градскиот метеж? На коњите не можеш да им дигнеш поткровје, па да поминеме барем поевтино, со 100 илјади грла. Вака, кој гарантира дека сите би биле со античко педигре, како што прилега на патниците што ќе ги користат?!

Сепак, шегата на страна, оти наскоро можеме да останеме покуси за 51 милион евра. Толку треба да нѐ чини тоа даблдекер задоволство. Сто и седумдесет илјади евра за катен автобус од кинеско производство. Многу или малку? Како да оцениш, кога „Јутонг“ сѐ уште нема произведено катен автобус!? Западот ги нуди по цена која е трипати повисока, но и Кинезите прават возила од класата на „мерцедес“, кои чинат петпати помалку од „Германецот“. Кинеското „мече“ изгледа убаво како него, ама, сепак, секој знае дека оригиналот си го заслужува секое евро повеќе на својата цена. Како тогаш да дојдеме до оцена, дали купуваме дабл или трипл-декери? Скапи или евтини?

Да ги погледнеме деловните резултати на „Јутонг“, кој држи петтина од пазарот на автобуси во Кина. Најголеми се, но нивните извозни резултати се од понов датум. По 40 години работа, едвај пред 3 години стасале до позначаен пласман на странските пазари. Тогаш извезле 2.400 автобуси и спечалиле 100 милиони евра, т.е. наплатиле 41.666 евра за автобус. Несомнено, тие биле нешто полуксузни, па затоа добиле величествени оценки и од Фидел Кастро лично, кој набрзо ја удвоил нарачката за потребите на Куба.

Ланските бројки говорат дека нивните автобуси, во просек, чинеле по 32.600 евра. Толку евра, помножени со 26.700 продадени возила и стигнуваме до објавениот годишен приход за 2008 година. Но, тоа се, сепак, обични автобуси. Ем не се доволно дабл, ем се со поевтини мотори, кои не ги задоволуваат европските стандарди.

Под неверојатна претпоставка, баш сите автобуси да имале едвај Еуро 2 мотор, на цената ќе мора да додадеме 9.500 евра, за да стигнеме до потребниот Еуро 5 квалитет. Значи, на просечните 32.6000, калемиме 9.500 и стигнуваме до 42.100. Што правиме со „поткровјето“?

Познавачите велат дека на него оди уште максимум 30 отсто до цената за обичниот автобус, но еве пуштаме рака, од нас нека бега цела третина. Што вели дигитронот? Така е, стигнуваме до 56.000 евра, но на големата нарачка од 300 возила, ни следуваат 10 отсто попуст, па горе-долу, нашиве идни љубимци ќе спаднат на 50.4000 евра. Меѓутоа, тоа е цената за Кина. Колку би чинел бродскиот превоз до Солун?

Навистина не знам, ама за љубимец не жалам. Еве нека бидат и цели 15.000 евра. Долг пат е, инсистирам да го сместат во луксузна кабина, со најубав поглед и со неизоставен рум-сервис. Значи, сврти-заврти, автобусот не може да чини повеќе од 65.400 евра, кој помножен со 302, во тотал, како вкупна нарачка, едвај стигнува до 20 милиони евра, со вклучена провизија од четвртина милион. Каде се, тогаш преостанатите 31 милион евра, за да стигнеме до прифатената цена од нашите стручњаци, која изнесува цели 51 милион?

Фала на прашање , нашиве тендерџии прифатиле 170.000 евра за автобус кој можеби чини 65.400. Нормално, тоа не е грабеж на државниот буџет. Според владејачките мудреци, цената на идните скопски „лепотани“ ќе скокне за „скромни“ 106.600 евра по возило, заради нивната уникатност!?

За вонсериски патници, ќе се пристапи кон „вонсериско производство, со врвен квалитет, со вградени делови од светски реномирани производители“.

Што би рекле Бугарите, нѐ очекуваат „всички екстри“. Оригиналните автобуси ќе имаат лифт, џакузи, сауна, фризерска кабина, оддели за маникирање, педикирање, плус масажа на стапалата, ем вратни пршлени… Ах, да, не ни гине и „сони“ телевизор од „сплесканите“, а богами и бродски под од најквалитетните фински шуми. Тоа за „приземјето“, а на „поткровјето“, кај џакузито, разбира се дека прилегаат италијански плочки.

Клима се подразбира, а, сепак, ќе остане некоја пара… Точно, за гратис возење во првите три месеци и 1 јуан бакшиш за секој втор патник. Тоа е една голема шарена лага? Ве молам, само предавниците на Македонија може да помислат таква гадост!!!

Нормално, нашиве „експерти“ за автобуси нема да се согласат со мојава математика. Затоа, впрочем, го поделија народон на „патриоти“ и „предавници“. Штом некој мрчи за „уникалните“ набавки, тој веднаш се прогласува за „предавник на каузата“. Но, тоа нема да ме спречи, да останам на кажаното: купуваме автобуси по цена на авиони. Можат да бидат и индиски, ама никако не смеат да бидат 150 отсто над цената што ја заслужуваат. Тоа се вика грабеж на државни пари, кој е можен само во земји каде што нема ниту Д од демократија. Каква е таа демократија, без елементарна контрола врз трошењето на парите на сите граѓани?

Ако звучи премногу „предавнички“, тогаш еве можеби немаме работа со грабеж, ама затоа лудоста не може да ни побегне. Власта може да одбере: или е тотално мрдната или е поапашка од сите досегашни? На крајот на краиштата, кој нормален купува 300 „уникатни“ автобуси, ако за истите пари може да купи повеќе од 900 „обични“. Ако не верувате, вратете се на почетните бројки… Немојте само да кажете дека некој бил против таквата алтернатива, само затоа што во тие автобуси нема да можеме да глумиме Енглези со античко потекло!!!

Патем, во Кина има фабрики кои веќе прават даблдекери. Зошто никој не се сети, да им упати директна покана за учество на нашиов тендер? Конечно, можеше да се размисли и за хибридна варијанта, која за меѓуградските растојанија не надминува 80.000 евра. Ем ќе си останевме уникатни, ем во кинеско ќе се возевме. Штом Комитетот рекол да се купува кинеско… Очигледно, тоа мора да е вредно!

Поврзани новости