Фамилијо моја, ова е новата песна -зборови по кои е препознатлив српскиот турбо фолк пејач Радиша Трајковиќ, познат во регионот како Џани (48), кој вечерва во Скопје, најверојатно повторно со ,,Фамилијо моја” ќе го започне концертот во локалот ,,Стори – руфтоп”.
Ова е прво гостување на популарниот музичар во Скопје, за чија појава и стил на пеење интелектуалците негодуваат, а од друга страна, неговите концерти се распродаваат со неверојатна брзина.
Таков беше и случајот со неговиот концерт во Штарк Арена во Белград, кога се бараше влезница плус, се враќаше публика од пред врата поради исполнетиот капацитет, а за настанот пред 20.000 луѓе долго се пишуваше во регионот.
Пејачот се појави на сцената во 1995 година, со албумот ,,Туѓи свирачи” и си најде своја публика.
Роден во Приштина, во скромно семејство со мајка продавачка и татко возач на автобус, еден период пред да започне да се занимава со музика живеел и во Швајцарија. По објавувањето на првите песни, колку и да беа дел од нив критикувани и опишувани како кич, тој сепак успева да ја одржува својата популарност, а негови песни на музичкиот канал Јутјуб имаат и по неверојатни 23 милиони прегледи.
Бројки на кои би позавиделе легендарни музичари кои зад себе оставиле квалитетни евергрини и музички ризници е она кое го наметнува прашањето – Зошто нашиот народ го сака Џани?
Приватно, редовни се приказните за неговите брачни драми со сопругата Слаѓана, кои ги полнат регионалните медиуми со детали од нивни неверства, кавги, разделби и смирувања, луксуз во кој живеат, а популарно е и видеото кое се појави неодамна, а на кое музичарот пие алкохол од чевел на гостин на негов настап.
Дали балканскиот народ ужива во нечие контроверзно однесување, во кичести паради и разврат, или пак едноставно Џани до толку го погодил музичкиот вкус на мнозинството, останува енигма. За популарноста, доволно зборува петицијата која ја потпишуваа негови фанови, да биде учесник на фестивалот Егзит.
Приведување поради сообраќаен прекршок, домашен притвор поради непочитување на мерки за здравствена заштита, изјави во екот на карантинот дека му се потребни 10.000 евра за да го преживеат месецот, приказни за разни згоди и незгоди од естрадниот живот кои тој редовно ги раскажува за медиумите, сето тоа е дел од биографијата на Радиша, кому Балканот му го даде прекарот – Славеј од Косово.
За уметничкото име Џани пак, самиот раскажа дека првично се планирало да настапува како Дани, но татко му му кажал дека соседите имаат куче кое се вика Дани, па поради тоа морал да си најде ново уметничко име.
Неговите приказни се чини како да немаат крај, постојано е актуелен во регионалните медиуми со детали од контроверзни настани, кои очигледно го анимираат народот, а тој е прифатен со сите свои недостатоци и мани од публиката, која и вечерва во Скопје се очекува да биде во голем број, како и на секој претходен настап кај нас на Аца Лукас, Теа Таировиќ и низа на други регионални музички имиња од калибарот на Џани.
Очигледно, угостителите знаат кои се музичарите кои им носат добра заработка и полнат капацитет, па што бара народот, тоа му се нуди.
Вики Клинчарова