Изјавата на португалската државна секретарка е резултат на незнаење и невнимание. Јас не сакам да бидам невнимателен во моите изјави, бидејќи можеби ќе и наштетам на Македонија. ЕУ одамна не е заедница на некои униформирани вредности, туку на некои сличности и што побргу тоа го сфатиме ќе одиме кон ЕУ. Ако не го сфатиме ќе одиме назад, бидејќи ЕУ има свои лимити до кои може да се оди. Сигурно не може да се оди над лимитите на националните држави, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на денешната прес-конференција со претседателот на државата Стево Пендаровски во Загреб, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, кога се влегува во нечиј интимен простор, во деликатни работи како идентитетот, правото на име и правото на јазик, тоа не завршува добро особено ако, како што нагласи, мотивите се опортунистички.
– Што ќе биде ако Хрватска го доведе во прашање црногорскиот јазик? И Босна и Херцеговина е наша соседна држава и тешко е на некој да му го одречеш правото да се нарекува со некое име и со тоа име да го нарекува јазикот. Значи за мене е нормална работа босанскиот јазик, што би било кога би го оспориле? Тоа е погрешно и неморално. Црногорскиот јазик исто така. Тој е дел од идентитетот на таа држава, вели Милановиќ.
Тој оцени дека Северна Македонија и Албанија на „безобразен начин“ се држат пред вратата на Унијата.
– Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите што поскоро и тоа нема да биде лесно. Ваквите пораки кои се испраќаат се обесхрабрувачки, дури и дискриминирачки, смета Милановиќ.