Потоа ќе следува потешкиот дел на тој, јас би го крстила Штипски Процес. Моќен и вешт обвинител. Докази и сведоци. Експертски мислења, вештачења. Преведувачи на европски јазици. Позитивна пропаганда и јасна порака до сите идни владетели – КРИМИНАЛОТ СЕ КАЗНУВА.
пишува Мимоза Ристова
Бомбиве, признавам, ги надминаа моите очекувања за димензиите на тонски овековеченото зло. Зло oд невидени размери како под притисок проџврка од отворената Пандорина кутија. Зло неповторливо по “квалитет”, а богами и квантитет. Нова метафорична “чрна чума” против Кузман Капиданот. Чинам, ни во турско не сме биле волку згазени и мавнати со свој камен по глава, и тоа одблизу.
Бомбиве, како за мој вкус и темперамент стигнаа со доста големо задоцнување, не знам колку оправдано, а колку не. Но, ете ги тука, татнат во нашите коски. Иако се чини дека вистинските херои од оваа задоцнета фабула не успејаа да се сокријат во часовникот како најмалечкото јаренце. Крвавиот волк ги зграпчи за гуша сите останати жртвени јариња и без милост им ги загрози животите, здравјето и семејствата. Како и да е, жртви паднаа, но сепак, системот на луцидното демонското битје – Азазел почна да се распаѓа однатре како нападнат од рак рана.
Како и да е, перформансот на Заев се одвива во тегобен слоумоушн -преспоро за да може човек да го предвиди крајот. Потребно е, чинам, интервентно скратувањето на маките и агонијатата. Не е добро да се навикнуваме на ваква долготрајна психоделична пресија, зашто душите на сите нас ќе станат иреверзибилно исцрнети. Ќе се озлобиме, ќе се испорасипеме, и ние големите но и нашите деца. Се плашам да не се “повампириме”и ние самите и да не посакаме да пивнеме“крвца”.
Затоа, сметам дека Заев треба поскоро да испука се што е од голем калибар и притоа да се откаже од сулудата идеја – дека онакво манијачиште и психопат ќе почуствува морална одговорност и за три дена ќе поднесе оставка. Кога ќе ја испука Заев тешката артилерија, тогаш треба да се притисне Јавниот Обвинител – тој да мора најитно да постапи. Ако овој не постапи, тогаш нека се случи народ и улица – реприза на 24.12.2012, но овој пат со непопречена катарза.
Ако Зврлевски има трунка преживувачки инстинкт во себе, тој треба најитно да ги приведе чудовиштата поради основаното сомнение дека сториле неколку познати и стотици непознати тешки злоупотреби и кривични дела, за да не можат да и влијаат на истрагата, сведоците и доказите. Ако ова не го стори, Марко Зврлевски ќе му помогне на окупаторот С.М. со време да си ја активира својата, до заби вооружена, триесетилјадна паравојска од десетиците контролирани агенции за обезбедување, и ќе им овозможи да припукаaт кон нас и нашите деца. Тој, со непостапувањето ќе не раздаде како што се раздаваат топчињата од варено жито по гробиштата за покојна душа.
Ако не постапи, Зврлевски ќе стане продуцент на мијалковата филмска продукција. Та оној перверзен монструм едвам чека да прилегне во џемсбондовски манир во својата топла спална соба пред своите два монитора, секој од по два метра дијаметар, та да ги активира камерите на скопските раскрсници што се под негова контрола (внимавајте, да не ти биле воопшто во владение на сообраќајната полиција). Гледајќи ја окупацијата во 24 слики по монитор (вкупно 48 слики) тој восхитено ќе го гледа филмчето во своја режија “Газењето на еден народ”.
“Апсењето на Штрос Кан – гомна да јаде. Ова е филм, алооо…!” ќе воскликне во екстаза монструмот С.М. со својот уличарски глас, произведен не во дијафрагмата ами во гркланот. И, патем, ќе скока по еден метар во вис од навивачка среќа при секој паднат човек, при секое згазено дете, изговарајќи ги имињата на своите духовни водачи, Ердоган и Путин. Да,тој, Азазел, ќе гледа со соблазнетост in-vivo како не растеруваат нас “говедата”со солзавци. Тој, Азааел ќе офка од среќа во глетката како не ништат, неутрализираат, бањаат со силни водени шмркови. Ќе си замислува во болниот ум како не силуваат некакви си страшни “надарени наркомани” (зошто ли требало да бидат наркомани??!!), додека со експертски изострен поглед анализира како во пракса се атестираат перформансите на Ердогановите водени топови за задушување на демократски и легални и легитимни движења на разбудениот народ.
Конечно, мислам дека Заев треба троа да ги скроти ловориките на главата, па да им влезе малце и во спориот агоничен филм за затворените (емпатично да си се потсети како беше тоа да се биде политички затвореник). Зврлевски, пак, да собере сила од некаде, врска немам од каде, но да си најде грб за да не настрада, за да постапи според законот. Нека земе под итно да испоапси тоа фрустрираниот умоболен отпад-шљам, за да се спаси себе си. Иначе, соработниците како него со “чумата на деценијата”, еден ден и самите ќе сe чумосаат.
Потоа ќе следува потешкиот дел на тој, јас би го крстила како Штипски Процес. Моќен и вешт обвинител. Докази и сведоци. Експертски мислења, вештачења. Преведувачи на европски јазици. Позитивна пропаганда и јасна порака до сите идни владетели – КРИМИНАЛОТ СЕ КАЗНУВА. Потоа следува делот кога домашни и странски форензички тимови научно ќе докажуваат пред судот дека сите снимки (оние од кои некои вистинити, делумно вистинити и лажни) се автентични и некомпромитирани.
Сега кога Н.Г. призна дека снимките се направени во неговиот кабинет, тогаш лесно ќе ја утврдиме “шум-позадината”, па со Фурие-анализа ќе го најдеме позадинскиот брум од пеесетте херци од градската мрежа, оние кои што се јавуваат само кога се снима во ентериер. Потоа ќе провериме дали има промени во фазата на тој сигнал. Ако нема, и ако синусоидата на “50-ката”е глатка и без прескоци/прекини, тогаш секоја снимка е веродостоен и непобитен доказ за криминалот на диктаторот и за неговиот личен диктатор на диктаторот.
Ако, пак, тоа полуписмениот диктатор и натаму тврди дека снимките се фингирани со помош на крпење на веќе постоечки разговори, тогаш чесниот суд формиран од Европа со стручност и знаење ќе го убедиме дека не постои толку ербап аудио-експерт што ќе закрпи толку многу тонски секвенци од мноштвото кретенски разговори помеѓу онаа мизерија и ситните му владини демони без никаде да не ја утне фазата на градската мрежа или ја накалеми позадината со погрешена фаза или интензитет.
Најважни се, сепак, сведоците кои ќе кажат како се создадени тие снимки и кој ги нарачал оригиналите.
Живеам за директниот телевизиски пренос на деновите/годините на Штипскиот Процес на телевизија Сител.