Штип и Тетово се два града со вкупно стотина илјади жители, а на тамошните медицински факултети, за само една година, дипломирале безмалку 600 студенти. Ако се направи споредба, во Америка дипломираат 8, а во Германија 12 лекари на 100.000 жители годишно. Според експертите, ова е образовна криминална измама, која дополнително го урнисува квалитетот во здравството.
Во последните две години, тоа што нема кој да лекува во јавното здравство е еден од најголемите проблеми во земјава, а тука најмногу користи приватната болница на бизнисменот Орце Камчев, кој трие раце и чека со широко срце и длабоки џебови.
Со оглед на неговите преговарачки и бизнис-способности, тој успеа да ги собере сите добри лекари и од јавното здравство, но и од другите приватни болници за високи суми од по неколку илјади евра. Не поминува ден без да се слушне дека некој лекар-специјалист веќе преговарал со Камчев и договорил својата кариера да ја продолжи во неговата болница.
Но, да се вратиме на новодипломираните идни лекари. Ако се погледне пошироката слика, а не само статистичките податоци на студенти што зеле дипломи од медицинските факултети во Штип и во Тетово, кои се двојно повеќе од Медицинскиот факултет во Скопје, тогаш тоа и би било некаква утеха дека во иднина ќе се зголеми медицинскиот кадар. Но, реално таков кадар има со лопата да се рине. Главното прашање е – каде е тука квалитетот во работата од кој зависи и животот на пациентите?
Само до пред шест години, на Медицинскиот факултет во Скопје се запишувале вкупно 280 студенти, сите одлични од првиот до последниот. Така барем покажуваат официјалните податоци, кои можат да се пронајдат на ДЗС.
Во тој период, најмногу студенти се запишуваа на Правен и на Економски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и за тие два факултети конкурираа дури и по 2.000 бруцоши годишно што завршиле средно училиште.
Медицинскиот факултет реално можеше да се најде на листата на потешки факултети, па на него најчесто се запишуваа тие што вистински ја сакаа медицината и од срце сакаа да станат идни лекари и својот живот ќе го посветат на лекување на болните.
Но, тие бројки беа далеку од сегашните, каде што оваа струка стана најпосакувана, а, според податоците од ДЗС, лани и најмногу дипломирани излегле од овие факултети.
Но, тоа што е уште поконтрадикторно, е што во Штип и во Тетово, таа бројка е двојно поголема отколку на Медицинскиот факултет во главниот град.
На оваа тема, длабинска анализа прави професорот Трајковски, кој е разочаран од тоа што ниту една институција не реагира воопшто на овие бројки, кои, според него, се образовна криминална измама.
– Никаква реакција, никаков врисок на јавноста, на лекарската комора или на поединци, а камоли влегување на јавното обвинителство во придружба на полицијата на факултетите и нивно запечатување се додека не се расчисти оваа образовна измама на векот – додава Трајковски.
Статистичките податоци покажуваат дека во 2017 година на Медицинскиот факултет во Скопје дипломирале околу 110 студенти, кои се запишале во 2010/11 година, со оглед на тоа што овој факултет е вкупно шест години. Но, сепак, ретки се оние што дипломираат во рекордно време.
– Ранг-листата на запишаните кажува дека првите 110 (колку што дипломирале) од 280 запишани имале персентилен ранг од најмалку 96, што значи дека приближно сите со персентилен ранг понизок од 96 пропаднале во текот на студиите, иако сите запишани биле одлични со сите петки во средно и со најмногу две четворки на државната матура.
Ова нека ни послужи како ориентир за нормалност (иако високото образование е во слободен пад од 2009 година) и нека ни покаже каков кандидат може и смее да дипломира медицина, но и друг факултет, доколку сериозно се работи – вели професорот Трајковски.
Само пет години подоцна, поточно во 2022 година, на медицинските факултети низ државата дипломираат двојно повеќе студенти.
Ирена Мулачка