Мојата посета на регионот, има цел да сигнализира дека Западниот Балкан во ниту еден случај не е заборавен. Кога ќе се исполни соодветниот напредок на домашен план, тогаш и патот кон членство во ЕУ ќе стане поизвесен, порачува германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
-Моето патување има цел да сигнализира дека Имавме дебати со колешките и колегите од Западниот Балкан, кои ги искажаа своите грижи, дека желбата за приближување и влез во ЕУ на Украина, можеби ќе биде третирана поинаку, ќе биде забрзана, за разлика од кандидатурите на земјите од Западниот Балкан. Ја разбирам таа нестрпливост, но како и многу други и јас сакам да уверам, дека Западниот Балкан во ниту еден случај не е заборавен. И патувањето во двете земји, Северна Македонија и Албанија, е во функција на таа порака за регионот, вели тој во интервју за Дојче веле.
Во однос на тоа дека државите од регионот си ја поставуваат за цел 2030 година како рамка за влез во ЕУ, шефот на германската држава вели дека останува на ставот оти тоа зависи од подготвеноста за внатрешни реформи во државите и од подготвеноста да се имплементираат тие реформи.
–Ние и денес можеме поинаку да аргументираме во однос на земјите од Западен Балкан, како на пример за Северна Македонија и Албанија кои направија решителни чекори напред. Тоа ја зголемува самодовербата во земјите и им покажува и на другите во регионот на Западниот Балкан дека овој чекор се исплаќа. А освен тоа, не смееме да заборавиме дека надвор од прашањето за пристапување во потесна смисла, на тој пат се постигнува и напредок, вели германскиот претседател.