Со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на земјава.
Двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а предвиден е и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Германија, по што најавена е нивна заедничка прес-конференција.
Предвидено е во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Штајнмајер и Пендаровски да положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Штајнмајер ќе се обрати и пред пратениците во македонскиот Парламент, а попладне во Владата да оствари средба и со премиерот Димитар Ковачевски.
Германскиот претседател беше пречекан на Меѓународниот аеродром Скопје од страна на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Моја е честа да му посакам срдечно добредојде на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер! Првата официјална посета на претседателот Штајнмајер, после само четири месеци од почетокот на пристапните преговори е јасен сигнал за позициите на Германија за интеграцијата на регионот во ЕУ и за континуираната поддршка која Северна Македонија ја има за пристапување во Унијата, објави Маричиќ на својата официјална страница на Фејсбук.