Штабот на Пендаровски бара извинување од Лупевска: Не ја кажа вистината, немаше закажано дуел

by fokus

Сакаме да ја информираме јавноста деке вечерва, во вестите на Телма телевизија, новинарката Снежана Лупевска не ја кажа вистината дека дебатата била закажана за денеска, реагираат од изборниот штаб на Стево Пендаровски.

-Имаме обврска пред граѓаните да ги посочиме фактите, аргументите и вистината. Не е точно дека била закажана тв дебата на Телма телевизија, денеска, 24.04.2019 година. Исто така не е точно дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски или од неговиот тим посочиле дека „поради обврски не може да присустува на дебата“. Прво затоа што дебатата не беше ниту закажана. Второ затоа што во поканата на Телма телевизија, којашто ја доставуваме во прилог на ова соопштение-демант, се наведени повеќе термини, односно, како што стои: „во текот на утрешниот ден, или подоцна. Доколку тоа не е можно би сакале дуелот да се одржи на последниот ден од кампањата или на 3 мај.“ Врз основа на ова покана на Телма телевизија, во телефонски разговор со новинарката Лупевска е посочено дека поради обврски на кандидатот за Претседател, а краткиот период за поместување на веќе договорените активности за тв соочувањето, треба да се бара термин кој ќе биде взаемно прифатлив, во рамки на предложените од медиумот. Усогласувањето на термините е нормална процедура, без фавозирање на било која страна, особено кога станува збор за многу кратки рокови.
Ако некој докажа дека нема проблем со соочувања тоа е Стево Пендаровски, кој одговори на сите барања. Бидејќи веќе се проширија шпекулации кои се подгреани со пласираните невистини, очекуваме извинување од новинарката Снежана Лупевска која воедно е и одговорен уредник на информативната програма, се вели во реакцијата.

Поврзани новости