Германскиот канцелар Олаф Шолц со највисоки државни почести вечерва го пречека премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија.
Во седиштето на германската Влада во Берлин, како што е најавено ќе се одржи средба меѓу премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција. Најавена е и вечера на двете официјалните делегации, информира известувачот на МИА од Берлин.
Главниот фокус на разговорите ќе бидат билатералните односи и соработка меѓу Северна Македонија и Сојузна Република Германија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Дополнително, теми на разговор ќе бидат и германската поддршка на македонскиот евроинтеграциски пат, реформскиот процес насочен кон исполнување на стандардите на ЕУ и други актуелни прашања од регионален и европски безбедносен аспект.
Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски, се и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во рамки на официјалната посета, премиерот Ковачевски ќе учествува на експертска дискусија во организација на фондацијата Фридрих Еберт (Friedrich Ebert Stiftung) и ќе има средба со претставници на здруженија на македонски иселеници во Берлин, а ќе има и работна средба и со главниот извршен директор на Дојче Телеком, Тимотеус Хотгес.