Пофесорот по Уставно право, Светомир Шкариќ, неодамна во интервју за неделникот „Фокус“, истакна дека и по завршување на вонредната состојба, уредбите кои ги носи владата, можат да продолжат да се употребуваат во правниот поредок.
-Уредбите со законска сила ќе се користат и натаму ако Собранието ги потврди, по престанокот на вонредната состојба. Потврдените уредби ќе станат закони на Собранието. И обратно, непотврдените ќе престанат да важат, ќе бидат исклучени од правниот поредок. Ако преовладеат првите, тогаш тоа ќе биде знак дека Владата одговорно и далековидно постапувала во вонредната состојба. И обратно, ако поголем број уредби бидат отфрлени ќе се постави прашањето на одговорноста на Владата. Тоа ќе го каже новиот состав на Собранието што ќе произлезе од парламентарните избори што ќе се одржат по престанокот на вонредната состојба, истакна Шкариќ во интервјуто за „Фокус“.
Тој појасни и дека во вонредна состојба Владата може да направи чистење на постојаните закони.
-Во вонредна состојба треба да се спроведе големо чистење на постојните закони. Владата може да ги укине оние што и пречат во спроведувањето на нејзините мерки и да воведе нови норми со законско дејство што и се неопходни. Може да интервенира во сите области, водејќи сметка само за ограничувањата што ги пропишува Уставот. Добро е што тоа ќе го прави Владата а не шефот на државата како што е тоа случај со поголем број држави во светот кога воведуваат воена или вонредна состојба, смета Шкариќ.
За тоа кој ја контролира Владата во ваква ситуација, професорот појасни дека тоа е Уставниот суд.
–Уставот предвидува одредени ограничувања за Владата. На пример, со уредбите со законска сила Владата не може да ограничува одредени слободи и права, како што се правото на живот, правото на заштита на физичкиот и моралниот интергритет на личноста, правото на забрана на дискриминација по која било основа, правото на еднаквост пред законот, правото на судско изречување на казните предвидени со закон, слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Наведените права се сметаат за императивни или задолжителни права во сите држави, вклучувајќи ги и оние кои не се потписнички на меѓународните конвенции за човековите права. Тие права мора да ги почитува и Владата во вонредна состојба. Ако ја пречекори црвената линија, тогаш Уставниот суд треба промтно да реагира со свои одлуки и уредбите со законска сила да ги стави вон сила, изјави Шкариќ.
Валентина Вурмо