Хуманитарниот лет од Загреб до Скопје, со кој голем број на наши граѓани се вратија во земјава пред три дена, според дел од патниците, поминал како екскурзија на неодговорни ученици.
Патниците најпрвин биле известени дека треба да бидат на аеродромот во Загреб во осум часот наутро, а авионот требало да полета во 11 часот. Но, летот бил одложен за во 17.10 часот, па патниците биле принудени да чекаат на аеродромот.
Македонка која се враќала со овој хуманитарен лет, го сподели своето искуство на социјалните мрежи, а исто така објави и фотографии и видео клипови од настанот, опишувајќи го како театарска претстава.
Имено, голем број од патниците се туркале, не се придржувале до препораките за држење растојание и буквално си дишеле во врат. Бидејќи летот бил одложен и морале да чекаат, голема група на мажи купиле алкохол од Фри Шопот, па започнале да си прават ,,забава”. Пееле, пушеле, наздравувале и заборавиле на пандемијата.
-На аеродромот ништо не работи, освен Free Shop, и една машина за вода и грицки. И да сакаш немаш кај да јадеш. Во меѓувреме, група мажи се собраа во пушалната на која имав директен поглед и ја претворија во кафана, пеејќи песни, наздравувајќи со флашите купени од Free Shop. Каков вирус, какво ширење, каква пандемија. Алкохол за дезинфекција. По можеби 2 часа почнаа да излегуваат од пушалната, се сопнуваа дури одат, се држеа еден со друг, повраќаа. Гадости какви што не замислував дека некогаш ќе ги видам на аеродром. Ја известивме вработената која ги прегледуваше картите пред да влеземе, не превзема ништо. Да беше во било која друга ситуација, вакви личности би биле избркани од аеродром, а не да им се даде да се качат на лет и да го загрозат просторот на тој што седи до нив. Летот не тргна ни во 17:10. Авионот пристигна околу 17:25, додека се качија сите патници дојде 18 часот и конечно тргнавме. Тоа беше истиот авион кои претходно ги земал патниците од Малта и ги вратил за Скопје, па дошол по нас. Од изјавите на Владата заклучив дека знаеле дека тоа ќе биде истиот авион – пишува скопјанката која ги објави фотографиите и видео снимките на социјалните мрежи.
Додава дека кога конечно влегле во авионот, едно момче извадило шише ракија и некои патници започнале да си го подаваат пред очите на стујардесите. На крај, кога пристигнале, биле сместени во хотел во Гевгелија.
-Карантинот е неопходен. За наше добро е. На оние што се пијанчеа по аеродроми и во авион се дереа ,,Да живее короната” не можеш да им кажеш да седат изолирани дома и да немаат никаков контакт и да очекуваш да те послушаат. Едноставно нема. Не разбираат – пишува скопјанката В.Р.
Вики Клинчарова