Широка влада и уставни измени: Како еволуираа позициите на „големата тројка“?

Наспроти досегашните наративи дека немаат заедничка платформа, вчера Ковачевски понудил, а Мицкоски прифатил широка влада под услов да отпадне ДУИ. Иако „интегративците“ со години цврсто се држат за власта, повикувајќи се на мнозинска поддршка од Албанците, сега би заминале во опозиција заради уставните измени. Засега, тие се непремостлив јаз, но дали така и ќе остане?

by Фокус

Лидерската средба меѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски заврши без конечен договор, меѓутоа покажа дека и власта и опозицијата отстапија од претходно декларирани позиции, околу кои ги градеа политичките наративи.

Прво, Ковачевски предложи формирање на широка влада во која ќе влезе и ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што СДСМ и нуди на најголемата опозициска партија 5 министерски позиции.

Оваа влада, според понудата на премиерот, треба да ги истурка уставните измени, да ги отвори преговорите со ЕУ, па дури би можела да затвори и едно до две преговарачки поглавја. На крајот, владата треба да ги организира и изборите.

Како што рече Ковачевски по вчерашната лидерска средба со Мицкоски, сфатил дека на ВМРО-ДПМНЕ му било битно да стане дел од власта, па затоа одлучил да достави ваква понуда.

На овој начин, тој сака да го внесе ВМРО-ДПМНЕ во процесот на уставни измени, што впрочем е неопходно за да се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство, ем сака да покаже дека не е жеден само за власт, функции, привилегии, туку за европската иднина на државата.

Арно ама, ваквиот став на Ковачевски е многу поразличен од досегашната позиција градена од него и неговите сопартијци и соработници, кои долго време аргументираа дека една коалиција не се гради со груба математика, туку треба да се базира врз заедничка платформа и цели.

Имено, како што посочуваа сдсмовските првенци, нема што да бараат во иста влада со антиевропското ВМРО-ДПМНЕ, кое е на иста линија со Левица и се бори за спас на криминалците во сопствените редови и за воскреснување на режимот.

Но, еволуираше и позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ.

Уште откако поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев прв го промовираше концептот за заедничко владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ според германски модел, со тоа што двете најголеми македонски партии ќе ја делат власта 8 години врз основа на изборните резултати, а 25 отсто од колачот ќе добијат албанските партии (не ДУИ), Мицкоски и неговите сопартијци се изјаснија против, бидејќи, според нив, целта на ваква влада би била амнестија на криминалот на функционери на СДСМ.

Така беше се до неодамна, кога Мицкоски почна да ја менува реториката и почна да говори дека би направил се за да се формира влада на македонско единство. Веднаш после лидерската средба, пак, се испостави дека Мицкоски ја замислувал ваквата влада без ДУИ. Еден ден по лидерската, пак, тој почна да релативизира, така што владата на македонско единство стана преодна влада за организирање на избори.

Без оглед дали покажувањето на мускули кон ДУИ  е резултат на анкетите, кои покажуваат дека етничките Македонци многу повеќе се ориентирани против ДУИ отколку против СДСМ, или тоа претставува тактика со цел идејата за соработка со СДСМ да пропадне, а „виновникот“ за тоа да биде власта, факт е дека ваквата позиција на ВМРО-ДПМНЕ е многу поразлична од порано, кога имаше резолутно „не“ против пакт со СДСМ.

Патем, треба да се истакне дека ваквиот ригиден став на ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ, кој е зачинет со низа напади и обвинувања кон „интегративците“ од коруптивна природа, постигнува контраефект.

Секогаш кога ДУИ е под напад од надвор, а особено кога нападот е од ВМРО-ДПМНЕ, тие ги збиваат редовите, како што впрочем беше случај и за време на нивното долгогошно заедничко владеење.

Како и да е, ДУИ повлече еден шаховски потег, најавувајќи дека веднаш ќе замине во опозиција, ако тоа е цената ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени. Со тоа, ДУИ демонстрираше подготвеност, не делумно да отстапи власт како СДСМ, туку целосно да се пресели во опозиција заради интеграцискиот процес.

На тој начин, ДУИ ретерираше од долги години градената позиција дека нема да ја препушти власта се додека има мнозинска поддршка од албанскиот народ. Не треба да се потсетува како, условно кажано, ја кренаа темпетатурата кога останаа во опозиција од 2006 до 2008 година, и покрај убедливата победа во албанскиот блок.

Сепак, се чини дека ВМРО-ДПМНЕ најногу го модифицираше ставот во однос на уставните измени.

Ако досега велеше дека уставни измени во овој парламентарен состав нема да има, од причина што, меѓу другото, ниту една партија за време на кампањата пред последните парламентарни избори не побарала поддршка од народот за таква работа, сега излезе дека сепак би прифатиле и овој парламентарен состав да изгласа уставни измени.

Меѓутоа, опозициската поддршка за внесување на Бугарите во Уставот е условена со преодни и завршни одредби, според кои тие би важеле по завршувањето на пристапните преговори и полноправното членство во ЕУ.

Тоа засега е најголемата пречка за конечен договор меѓу двете страни, бидејќи Ковачевски смета дека тоа е спротивно на преговарачката рамка. Според него, уставните измени секако ќе бидат со одложено дејство, но не до членството во ЕУ, туку до втората меѓувладина конференција.

Кога ќе се сумираат пораките и впечатоците од вчерашната лидерска средба, во контекст на денешните реакции, произлегува заклучок дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаат проблем да учествуваат во заедничка влада, додека ДУИ дополнително ја олеснува ваквата потенцијална соработка, со спремноста самоволно да замине во опозиција.

Сега, останува да видиме дали двете страни ќе се најдат на средина околу модусот за изгласување на уставните измени.

Времето ќе покаже дали ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на ставот дека нема да гласа за уставни измени ако тие важат пред полноправното членство во ЕУ или пак ќе попушти под силниот меѓународен притисок, па на крајот ќе се задоволи со гаранции за идентитот и посебната на македонскиот народ и јазик од влијателни земји-членки на ЕУ, како и од самата Унија.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости