Домашен есап на (меѓународен) пазар не излегува

by Фокус

Комотната ситуација што ја има опозицијата не е резултат само на фактот дека нема домашна одговорност за водење на државата во екстремно тешки услови, туку и на фактот дека кон владата се врши меѓународен притисок, а кон опозицијата се упатуваат меѓународни апели. Но, пораката е една и до власта, и до опозицијата: немојте да го укотвите бродот, туку пловете кон ЕУ.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Водствата на партијата на македонските националисти никако да совладаат некои од основните лекции на демократијата и на меѓународните односи.

ВЕРБАЛНО ИЛИ НА ДЕЛО?

За демократијата. Не постои „лева или десна, проевропска или происточна“, туку „само една Македонија“, вели нејзиниот водач.

Да каже некој дека не постои „лева или десна“, туку само една Франција, Америка, Англија, Шведска или која било демократска држава, тамошните луѓе би се фатиле за глава во ужас. Зашто, таму каде што нема „леви и десни“ и секакви, нема демократија.

Кај нас, пак, со „магичниот“ збор „Македонија“ сѐ минува. Всушност, овие зборови се само лесен обид да се замени комунизмот, кој имаше идеолошки монопол врз вистината, со национализам, кој полага монопол врз „националната вистина за државниот интерес“.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ никако да разбере дека е само една од повеќето партии во државата што ги артикулираат различните интереси на нашето општество. Оттука непомирувањето со фактот дека, како и во секоја друга демократија, има леви и десни, националистички и либерални, па и проевропски и происточни партии.

Убедувањето дека само една партија го дефинира и го брани националниот интерес на државата е ископано од историјата за изборни победи денес. Него го симболизира мит, кој почива врз четири букви – ВМРО наспроти историските факти, кои кажуваат една комплицирана приказна за оваа организација.

И покрај повикот на западните сојузници од НАТО и од ЕУ кон партијата на македонските националисти да гласа за уставните измени, нивниот водач ѝ вели на домашната јавност дека „не постои никаква понуда за брод за кој мора да се качиме за ЕУ“. А, всушност, постои и понуда и брод.

Тоа од јасно да не може да биде појасно, ни го кажа и сенаторот Марфи, кој допатува во Скопје да го пренесе ставот на Америка. Понудата, пак, се токму ваквите јавни апели од нашите сојузници, а бродот е македонскиот парламент.
Ако ја обезбеди потребната бројка од 80 пратеници, државата ќе продолжи да се движи кон ЕУ, ако не, бродот ќе остане закотвен во нашето пристаниште.

Како и сите овие триесет години независност, забуна во јавноста внесува и тврдењето дека сите партии, па и ВМРО-ДПМНЕ, се за Македонија во ЕУ. Во телевизиска дебата, репликата на политичкиот опонент дека е тоа само „вербално“ е дочекана со брз одговор: „Се разбира дека е вербално, како поинаку да се искаже став?“

Па, има начин и поинаку да се искаже став: со дело. Ако работите против Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за пријателство, вие сте вербално „за“, а во реалноста „против“ НАТО и ЕУ, кои стојат зад сите тие договори. Америка, дури и се закани со ставање на „црни листи“ на поединци што работат против овие договори.

ПИРОВА ПОБЕДА

За меѓународните односи. Во овие меѓународни околности, кога ЕУ и Америка се „во војна“ со Русија, партијата на македонските националисти не треба да „си ја турка среќата предалеку“.

Комотната ситуација што ја има како опозиција, не е резултат само на фактот дека нема домашна одговорност за водење на државата во екстремно тешки услови, туку и на фактот дека кон владата се врши меѓународен притисок, а кон опозицијата се упатуваат меѓународни апели.

Но, пораката е една и до власта, и до опозицијата: немојте да го укотвите бродот, туку пловете кон ЕУ. Имено, можни се турбулентни времиња, па најдобро е што побргу да бидете засолнети кај вашите европски сојузници.
Затоа, од аспект на односите на нашата држава со сојузниците, изборна победа со слогани и акции против продолжувањето на пловидбата на македонскиот брод кон ЕУ е Пирова победа за ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, таа државна политика не минува кај сојузниците. А, без нивната поддршка, Македонија е лушпа орев во разбрануван океан. За жал, мислам дека предупредувањето од сенаторот Марфи доаѓа предоцна.

Забревтани во трката за власт, партијата на македонските националисти не размислува што по освојувањето на власта. Како ќе се спроведат политиките што ја немаат поддршката на САД и на ЕУ и ја водат државата во судир со сојузниците.

Во тоа најбргу ќе се убеди водачот на оваа партија, претставник на техничката интелигенција, кој нема знаења од демократијата и од меѓународната политика, а нема ни советници што би му влијаеле да ги промени своите ставови во светлината и на новите меѓународни факти.

Зашто, во моментот кога би ја презел одговорноста за водење на македонската држава со политиката што ја нема поддршката на САД и на ЕУ, ќе зажали.

Излез? По вака сериозно предупредувања од САД и ЕУ, мислам дека единствениот реален излез за државата е опозицијата да влезе во сериозен дијалог со власта за поддршка на „францускиот предлог“.

Со каква аргументација би излегла опозицијата пред народот, во таков случај? Со аргументацијата дека партијата не може да оди против нашите сојузници и не сака да ја доведе земјата во конфронтација со нив.

На избирачите, ВМРО-ДПМНЕ треба чесно и искрено да им каже дека домашен есап на (меѓународен) пазар не излегува. Сега, а не откога државата ќе ја плати цената на доцнење и откога сѐ ќе стане јасно.

Поврзани новости