На нова седница денеска во 13 часот советниците од Општина Центар повторно ќе одлучуваат за двата спорни детални урбанистички планови со кои се предвидува и изградба на десеткатница на Водно.
Пред две недели советниците на ВМРО-ДПМНЕ подржани од претседавачот Мирослав Шиповиќ ги поставија овие точки на дневниот ред, по што останатите советници од СДСМ и од коалицијата ја напуштија седницата во чие продолжение 11 советници од партијата на Груевски гласаа за плановите, додека Шиповиќ се изјасни против. Иако потегот на Шиповиќ беше сфатен како обезбедување на кворум за гласањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш се испостави дека оваа одлука не е легална бидејќи не е донесена со мнозинство од вкупниот број на советници.
Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски во интервјуто за последниот број на неделникот „Фокус“ не го исклучи сценариото Шиповиќ овој пат да гласа за плановите. Тој во разговорот откри дека советниците од мнозинстовото во Центар се перманентно под притисок.
– Што се однесува до тоа што јас се што претрпив за овие година и три месеци, кога ќе дојде време ќе ги кажам сите работи што ги доживував – вели Жерновски во интерјвуто за последниот број на неделникот „Фокус“.