Со реализација на проектот „Паметен град“ Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател се напредните информатички технологии. Тоа подразбира систематски собирани, корисни информации, организирани во функционален систем којшто ќе го поедностави секојдневниот живот на скопјани, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција „ Smart cities- Градови на иднината“, што се одржа во организација на Италијанската амбасада во државава.
Шилегов посочи дека крајна цел на проектот е граѓаните да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација.
– Работиме на воспоставување на концепт централен комунален сервис кој има цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални кол-центри, мобилни и веб апликации кои ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми, рече Шилегов.
Неговата визија за Скопје има цел да обезбеди и модерно управување со паркинг-местата во надлежност на градот, дигитализација на градските паркинг-места, со централизиран систем на мониторинг и наплата, кои ќе ја зголемат ефикасноста на услугите за граѓаните е еден од клучните предуслови за тоа.
– Она што сакам на крајот да го постигнеме е можноста секој граѓанин преку корисничка апликација да има увид на слободните паркинг-места, во реално време. Со тоа ќе го олесниме барањето на слободно паркинг-место, така што директно влијаеме за заштеда на времето и на ресурсите на граѓаните, нагласи Шилегов.
Како што посочи, паметното осветлување на јавните градски површини, од друга страна, очекува да резултира со огромни заштеди на трошоците за електрична енергија која ќе ги намали ставките за јавно осветлување.
– Имајќи го во предвид брзиот развој на модерните технологии, имплементацијата на „Паметен град“ како концепт бара брзи, конкретни, но добро испланирани и координирани чекори од повеќе институции на локално и национално ниво. Град Скопје е целосно подготвен да биде лидер во овој процес и да преземе сѐ што е неопходно нашите сограѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови кои бележат сериозен напредок во ова поле, рече градоначалникот на Скопје.