Неделникот „Република“ во сопственост на фирмата „Прва Република ДООЕЛ“ остварила приходи од 1,1 милион евра за перид од три години, пари исплатени до Владата на Македонија, информираше денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов кој покажа документ според кој сопственик на „Прва Република ДООЕЛ“ е „Ирсине лимитед“ од Белизе, како што рече, „познатиот даночен рај на Груевски“
Тој прес-конференцијата ја одржа денеска директно од плацевите на Водно за коишто тврди дека се во сопственост на Никола Груевски.
Оваа фирма сопственик на Република се наоѓа на иста адреса во Белизе со познатата компанија „Сирах лимитед“ преку која, според опозицијата, Груевски доаѓал до парцелите на Водно, нарачувал промени на урбанистичките планови, а според материјалите од прислушувањето, и потпорни бетонски ѕидови. Управител на компанијата „Сирах лимитед“, според Шилегов, е Ристо Новачевски кумот на Груевски од првиот брак.
– Сега е уште појасно, затоа 55 дена молчи Никола Груевски за милионите на неговите медиуми Курир, Република, Радио Слободна Македонија, а молчеа и институциите. Медиумскиот мрак, пропагадната вирутелната реалност што не постои е платена со парите на граѓаните. Затоа Никола Груевски не сака слободни медиуми и не прифаќа европски закони за медиумите – истакна Шилегов.