Нови кампови за бегалците? Не, благодарам!

by Фокус

Пишува: Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Проблемот со бегалците и мигрантите не стивнува. Напротив. Се очекува ситуацијата мошне скоро дополнително и сериозно да ескалира. И додека во западна Европа секоја од државите на Европската унија  поединечно одлучуваат и почнуваат со подготовки за враќање на бегалците назад недавајќи им азил, овде во Македонија нашите власти, барем јавно, овој проблем сѐ уште не го третираат сериозно. Иако крајните одлуки на земјите од ЕУ за враќањето на бегалците и мигранти назад или барем надвор од територијата на Европската унија, ќе предизвика вид на домино-ефект, особено во земјите од таканаречениот балкански коридор на движење, во Македонија таквиот развој на настаните сѐ помалку ги загрижува надлежните, а и граЃаните.

Дали и понатаму се во игра сѐ погласните шпекулации за дилот на владејачката партија со највисокото раководство на Унијата за одреден вид политичка трампа – кампови со бегалци и мигранти низ Македонија, за нов политички мандат на ДПМНЕ без прогон за криминалите? И покрај тоа што многумина ваквите тези ги сметаат само за шпекулации и конспирации, а со самото тоа што не се негираат јавно, се остава простор за нивно дополнително зголемување и различни интерпретации, од друга страна, пак, никој не може да ги негира сѐ погласните сигнали и пораки од нашите северни и источни соседи, чии државни раководства и јавност се сѐ погласни во загриженоста за безбедноста во своите држави на регионот, и како бегалската криза ќе се развива во почетокот на оваа пролет. Поводите за таквата загриженост дополнително ја зголемуваат и одредени функционери извори од Брисел со изјавите во одредени европски медиуми дека еден од плановите е бегалците што пристигнале во Македонија и Србија да се задржат во тие држави, и покрај тоа што самите бегалци во никој случај не сакаат да останат овде.

Во услови кога загриженоста од развојот на бегалската криза сериозно расте секаде околу нас, а во Европскиот парламент три дена се одвиваа сериозни дискусии, пред крајната одлука која органите на Унијата ќе треба да ја донесат веќе на 15 февруари, Македонија на најважниот светски самит посветен на проблемот со бегалската криза и Сирија, денес во Лондон го испрати Ѓорге Иванов. Како што обично бидува кога тој е во прашање, претседателот може повторно само да си намигне со Барак Обама, бидејќи сѐ поочигледно е дека она што во бриселската и во лондонската кујна ќе се зготви, Иванов бесприговорно ќе го исрка, како што тоа досега го чинел.

Бегалски кампови на Криволак и крај Гевгелија?

Додека јавноста и понатаму непрестајно е пресирана за тоа кој е новиот датум кога би се одржале предвремените избори, колку (не) се исполнуваат итните реформски приоритети, како работи Катица, од различни страни стигнуваат информации дека официјални лица од Брисел и Берлин заедно со одредени владини структури веќе почнале да бараат локации каде би се изградиле новите бегалски кампови за бегалците, при што веќе се извршиле одредени посети. Така, под силен надворешен притисок, наводно официјално Скопје ги разгледувало опциите за изградба на привремени бегалски кампови во Криволак и близу Гевгелија, кои ќе треба да ги задржат новите бранови бегалци, кои наскоро преку грчки Лезбос ќе стигнат на „Богородица“, бидејќи Грција нема да ги задржи на сопствена територија.Дали ќе сведочиме за нов и многу поголем „Стенковец“ од оној во 1999-та, сѐ поочигледно е дека ќе се знае по следната посета на Јоханес Хан на Скопје. Она што овдешната јавност има право сега да го знае, е дали владата под притисок или, пак, заради политичко пазарење ќе дозволи нови илјадници бегалци да останат на оваа територија, макар и привремено.

Зошто никој од останатите општествени чинители или политички елити не почне отворено да се противи на ваквите планови, кои е очигледно дека ќе почнат да се реализираат. Ако сме свесни дека Македонија воопшто нема никакви ресурси и капацитети за менаџирање на бегалски кампови, тогаш во најмала рака е несериозно и може да се карактеризира за политичко дилетантство што и опозицијата со ништо не покажува дека се спротивставува на ваквите идеи и планови. Јавно се прашувам, зар е дозволиво на оваа тема да нема сериозна општествена дебата, која во многу нешта тие треба први да ја иницираат?

Од друга страна, пак, неспорно е дека под голем притисок на Брисел и останатите светски сили, Македонија нема да може ништо сериозно да промени доколку таквите сценарија станат реалност, но опозицијата и граѓанското општество мораат отворено да се спротивстават на таквите погубни идеи, што поскоро. Отворањето на бегалски кампови во Македонија е голема опасност. И покрај сета материјална помош што ЕУ би ја доделила, со цел да ни ги утрапат овде, отворањето бегалски кампови ќе значат сериозна безбедносна закана за веќе драматично поделеното општество од биполарен карактер.

Македонија не може да преживее нов бегалски камп

Изземајќи ја сета хумана димензија со бегалците, македонските политички елити мораат отворено да кажат НЕ за идејата да бидеме претворени во нова бегалска тампон-зона. Без разлика како во блиска реалност овој проблем и да се реши, иако во многу нешта неговото решавање на зависи нужно само од одлуките што треба да се донесат во Скопје, опозицијата, а и граѓаните треба да станат исклучително вокални и да се спротивстават на таквите планови.

Без исклучок, погубни ќе бидат по Македонија сите сценарија за нова тампон-зона, макар и од привремен карактер со некој нов Стенковец или Криволак, иако за волја на вистината никој од тие што бегаат или мигрираат ниту на крајот од паметот не сакаат да завршат овде.

Во најмала рака, сите што решиле да останат да живеат овде, треба да бидат исклучително загрижени и да почнат сѐ повеќе да ги прашуваат политичарите каков е планот и што тоа всушност се случува. Бидејќи имаме право на одговори, мораме сѐ погласно да прашуваме – што ни се подготвува? Ќе завршат ли на крајот бегалците во Македонија против своја волја, бидејќи повеќе ниту Европа не може да ги прими, а назад не можат?

 

Поврзани новости