Шилегов: Обвинителството манипулира, снимките кои ги поседуваме законски смееме да ги објавиме

by Фокус

Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, на денешната прес- конференција истакна дека Јавното обвинителство потврдило дека постоело кривично дело во кое, според него, лично бил инволвиран Никола Груевски, бидејќи забранило натамошно емитување на снимките, тајно направени на тет а тет средба на Груевски со претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

-Јавното обвинителство може да побара забрана за емитување снимки само доколку се тие направени како дел од посебни истражни мерки. Ако претседателот Заев бил следен и прислушуван затоа што имало изречено такви мерки против претседателот на СДСМ, тогаш како се случи снимките да му протечат на обвинителството во јавност? Тоа значи дека или Груевски ги дал снимките сам, или некој му ги извадил на обвинителството од фиока, праша Шилегов.

Тој додаде дека постои уште една опција, односно доколку Заев не бил под ПИМ мерки, тогаш бил незаконски сниман во кабинетот на Груевски.

-И двете варијанти се кривично дело. Затоа, Јавното обвинителство денеска е должно да каже дали покрена кривична постапка против Никола Груевски? Ако не покренало постапка, тогаш – зошто? И второ, да биде јасно за сите. Забраната за којашто зборува Јавното обвинителство не се однесува на доказите со коишто располага Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и кои што ќе бидат објавени пред јавноста во Македонија. Забраната за која што зборува Јавното обвинителство не се однесува на медиумите и новинарите кои ќе ги објават доказите коишто СДСМ ќе ги презентира, истакна Шилегов.

Тој објасни дека соопштението на обвинителството свесно било направено конфузно.

-Не е ништо друго освен јалов обид  да се спречи објавувањето на доказите и документите за криминалното владеење на Никола Груевски и неколкумина поединци околу него. Законот за кривична постапка не забранува објавување материјали што можат да бидат предмет на натамошна постапка, заклучи Шилегов.

 

Поврзани новости