Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека издвоени се 60 милиони денари од проектот „Скопје 2014“ за енергетски фасади, санација на кровови, надворешна столарија, подови, електрика и греење на 19 средни училишта.
Тој денеска оддржа прес-конференција пред гимназијата Орце Николов, која е едно од средните училишта што во новата учебна година ќе има енергетски ефикасна фасада во согласност со, како што рече, современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија.
-Се работи на реконструкција на фасадата преку санирање на бетонските делови, поставување на „демит“ фасада во деловите каде што недостасува и освежување на боите на циглите – рече Шилегов, додавајќи дека е направено во консултација со проектантот и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, со цел фасадата да не трпи визуелни промени.
Притоа, скопскиот градоначалник посочи дека новина во новата учебна година ќе биде и бесплатниот превоз за сите ученици во средните училишта на Градот Скопје независно од оддалеченоста на местото на живеење од училиштето во кое учат.
– Досега бесплатен превоз користеле околу 20 илјади ученици кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето во кое учат. Од оваа учебна година бесплатен превоз ќе можат да користат дополнитело над две илјади ученици, односно сите ученици без исклучок – рече тој.