-Од почетокот на оваа година на суров начин згаснаа повеќе од 20 животи! За само неколку месеци во 2014-та, достигната е црната бројка на убиства и жртви, како во цела 2013-та година! Што е ова во земјава? Во 21-от век Македонија е времето на Дивиот Запад!, истакна Петре Шилегов.
Тој обвини дека институциите поради својата партизираност не можат да гаратнираат безбедност на граѓаните на Македонија, особено, како што рече, кога законите не важат еднакво за сите.
-МВР е претворено во алат за политичка репресија и лични пресметки. Наместо на народот, ѝ служи на тесната група на ВМРО-ДПМНЕ околу Груевски. Нема превенција. Професионалците во МВР се маргинализирани и тргнати на страна. Се е интерес и политички диктат, рече Шилегов.
Тој посочи дека ситуацијата ја усложнуваат притисоците од општата економска и социјална состојба, и бесперспективноста, во која живее народот.
-Дали драстично зголемениот број на меѓусебни убиствени пресметки се првите видливи знаци на поврзаноста на криминалот со политички структури на власта? Дали ситуацијата кулминира откако со моќ се стекна определена група на луѓе коишто се со едната нога во криминал, а се заштитени од власта?, праша Шилегов, заклучувајќи дека превенцијата од страна на надлежните органи целосно потфрли, а кај надлежните не се чувствува никаква одговорност.
Од СДСМ побараа итна реакција на надлежните и одговорност за сериозниот замав на убиства што сеат страв во Македонија.
-Само департизирано и професионално МВР ослободено од прегратките на власта може да ја врати безбедноста на улиците во Македонија и сигурноста во домовите на граѓаните, заклучи Шилегов.