Подготвен сум се додека постојат изразени дилеми, да повикувам на разговори затоа што мислам дека од тоа нема зијан, ниту општеството, ниту градот, ниту кој било од денешната дебата. Ова денеска го нагласи градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на јавната дебата за изградбата на гасоводот на Водно.
Шилегов, како модератор на дебатата, рече дека се работи за почеток на определен процес, за кој денеска не може нешто да се одлучи или пак некој да се убеди. Изрази надеж дека следната дебата ќе биде во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули соопшти дека Водно не е заштитено подрачје и најголем предизвик ќе биде, како што рече, заедно да го донесеме законот за прогласување на Водно и на Матка и да го ревидираме тој што набрзина е направен во Гази Баба.
Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи пред присутните одржа презентација за делницата што поминува низ парк-шумата Водно, односно гасоводната линија која влегува точно на 18-тиот километар на границите на парк-шумата Водно, во Сопиште и излегува на 27,3 километар во Шишево.
– Точната должина оваа делница е 9,3 километри. Од 18-тиот километар се до 21,5 километри немаме никаква сеча на шума. Сечење на дрвја има само од 21,5-от до 24–от километар од трасата, односно само на 2,5 километри минува низ дрвна маса. Во тој дел ќе се исече 1, 7 хектари дрвна маса од вкупната 2.593 хектари што ја има на Водно. Не е точно дека низ дел на Водно каде минува ќе се сечат дрвја, на поголемиот дел се грмушки и карпести површини, рече Реџепи.
Тој појасни дека за алтернативните траси, преку Скопска Црна Гора и преку обиколницата, сечата ќе биде иста, дури и поголема. Проблем на овој дел е што има вкрстување главните цевки од изворот Рашче.
Татијана Стојановаска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ истакна дека не се против гасоводната траса, оценувајќи дека тоа ќе биде голем бенефит за тој регион.
– Паралелно може да се изведува магистралниот гасовод со секундарната и терцијалната мрежа. Верувајте апсолутно ве поддржуваме, потребна е гасификација, но не можеме да прифатиме дека тоа треба да биде на грб на Скопје, на уништување на „белите дробови “ на градот, рече Стојановска.