Пресечената црвена машничка на Груевски, за оваа катна гаража, иако тешка неверојатни 5.5 милиони евра, мораше на преврска. Лифтовите се тресат, возилата и луѓето не се безбедни. На 8-ми Септември, Денот на државноста, лично премиерот Груевски грандиозно ја пушти во употреба гаражата, наречена „Солунски конгрес“, во чест на конгресите на Македонската револуционерна борба и на Илинденското востание. Гаражата издржа месец ипол и пред два дена е затворена. Не успеа да го дочека денот на Македонската револуционерна борба, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
– Каде се денеска Груевски и неговите придружници да им објаснат на граѓаните: како е можно, во нова гаража, за која се дадени 5.5 милиони евра народни пари, лифтовите да вибрираат, а на столбовите да им требаат стабилизатори? Нели лично Груевски гарантираше безбедност во сообраќајот? Нели Директорот за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов рече дека паркингот гарантира 100 процентна сигурност на возилата? Гаражата ќе биде затворена следните 10 дена да се појача, ама објектот е направен најквалитетно, што ги надминувал објектите од ваков тип во Југоисточна Европа?! Да не беше трагично ова ќе беше смешно. Овој проблем со милионските неквалитетни катни гаражи што никнат како печурки не е единствен – додаде гласноговорникот на опозициската партија.
Само некој километар понатаму, вели Шилегов, во мувла и влага „се топат“ над 5 милиони и 600 илјади евра за гаражата кај Судска палата. Тројката Груевски, Ставрески и Тодоровиќ за оваа гаража пресече црвена лента непосредно пред локалните избори, но само година ипол подоцна, погледнете: плафонот прокиснува, ѕидовите се распаѓаат, инсталацијата е меѓу влага, вода протекува од сите страни, мувла го рони објектот.
– Ние граѓаните за овие објекти тројно плаќаме: за подигнатите кредити во милиони евра, за огромните камати за кредитите и за скапиот паркинг простор.