Повеќе од три месеци, Македонија е без легитимна Влада. Во отсуство на Иванов, Македонија останува без единствената каква-таква функционална институција, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
– Собранието се уште нема избрано претседател, а Владата и министрите имаат ограничени ингеренции. Со ваквото несериозно, но и опасно однесување, Иванов докажа дека единствената закана по безбедноста и стабилноста на Македонија се токму тој и неговиот ментор Никола Груевски. Непочитувањето на мнозинската волја, прекршувањето на Уставот и напуштањето на државата во период на длабока политичка криза, докажуваат дека Иванов е подготвен да ја држи целата држава во заложништво само за да спаси Груевски и неговите неколкумина соработници од одговорност – рече Шилегов.
Тој предупреди дека сето ова е опасно играње на Иванов со безбедноста и стабилноста на Република Македонија.
– Во време кога Македонија се соочува со една од најголемите политички и институционални кризи, креаторот на кризата Ѓорге Иванов реши да замине од државата. Наместо да го послуша ставот на мнозинството граѓани и на меѓународната јавност и да го додели мандатот за составување на нова влада, Иванов под влијание на Груевски, избра да ја продлабочи кризата и да замине во Азербејџан. Граѓаните гласаа за промени и за Програмата на новата Влада и таа мора час поскоро да стане реална програма која ќе биде во функција на решавање на проблемите на граѓаните и стабилизација на државата на секое поле – порача Шилегов.