Шилегов: Груевски во судница немаше храброст да се произнесе чиј е гласот на снимката!

by Фокус

Самата тужба на Никола Груевски се однесува на пресконференциите одржани на 15. и на 16. април кога не беше презентиран аудиозаписот, тужбата не се однесуваше на прескоференцијата на Зоран Заев од 17. април кога недвосмислено се слуша гласот на Груевски, тврди портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов во вчерашното интервју за „Нова ТВ“.

– Повеќе од очигледно е дека Никола Груевски бега од тоа да се зборува за таа снимка или таа снимка да добие на актуелност. Дури, дури на директно прашање поставено во судницата од Заев дали е неговиот глас на таа снимка, Никола Груевски кажа: ВМРО-ДПМЕ даде соопштение по тоа прашање! Немаше храброст да се произнесе. Јас тргам човечки, не тргам ни како адвокат, ни како портпарол на Социјалдемократскиот сојуз. Тргнувам човечки. Ако Никола Груевски беше убеден дека тоа не е неговиот глас во негов интерес е таа снимка што е можно поголем дел од јавноста да ја чуе, таа снимка да биде предмет на експертиза којшто тој самиот ќе ја нарача, за од себе отргне една голема дамка. Никола Груевски одлучи и досега јавно се нема произнесено да одговори на прашањето: Дали е неговиот глас на снимката којашто беше презентирана на пресконференцијата на СДСМ на 17 април. Одлучи тоа да го одмолчи – вели Шилегов за „Нова ТВ“.

Судијката Весна Калковска во средата одлучи дека Заев го наклеветил премиерот кога на пресконференции и на митинзи за време на изборите велел дека Никола Груевски е таткото на криминалот во Македонија, дека зел во кеш 1,5 милиони евра од Газда Нини за „Македонска банка“ и дека поради тоа затаил данок од 225.000 евра. Заев за ова треба да му плати 50.000 евра на Груевски.

Адвокатот на Груевски, Никола Додевски одбил да дојде во студиото на Нова ТВ на соочување со Шилегов, оти како што рекол „место за изјави е судницата, а не студио“.

Поврзани новости