Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска одржа прес-конференција по повод првите 100 дена од мандатот, на која ги презентираше резултатите и најважните активности во првите 100 дена.
-Овие 100 дена работевме посветено, одговорно и чесно, следејќи ги потребите и интересите на граѓаните на Скопје. Го отворивме Градот за сите. Веднаш по преземањето на градската власт воведовме двосменско работење на службите што непосредно работат со граѓаните. Бараката 16, сега работи од 7:30 наутро до 19:30 навечер. Граѓаните сега можат побрзо и полесно да ги завршат своите работи поврзани со прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци на Град Скопје. Исто така, имплементиравме нов софтвер што овозможува даночните обврзници да добијат навремени информации за статусот или промената на нивниот предмет поднесен до Град Скопје, или даночна обврска по пат на СМС или е-маил, истакна Шилегов.
Градоначалникот Шилегов како приоритет во првите 100 дена ги истакна активностите за животната средина и подобрување на состојбата со загаденоста на воздухот, како области кои се од особено значење за него.
Тој истакна дека во првите денови од мандатот, беше започната есенска акција за зазеленување на Скопје, во која што беа засадени 615 нови дрвја низ различни локации во градот. Акцијата за зазеленување на Скопје ќе продолжи и на пролет, кога е планирано да се засадат повеќе од 4000 садници.