На 7-то Собрание на Глобалниот фонд за животна средина што се оддржува во канадскиот град Ванкувер, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, се обрати на пленарната сесија „Решенија за здрава Планета: Интегрирани одговори за намалување на деградацијата на животната средина на глобално ниво“.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во својата презентација, министерката Шукова се осврна на националните искуства и ја истакна потребата од поврзување на политиките за животна средина и климатска акција преку вкрстување на меѓународните и европските механизми.
Според Шукова на тој начин се воспоставува инклузивен и усогласен пристап и воедно се олеснува спроведувањето на обврските на меѓународните правно обврзувачките договори и Европската зелена агенда како наши национални и глобални приоритети во животната средина.
Таа беше посветена на значењето на интегрираниот пристап при разбирањето на животната средина и намалувањето на деградацијата во правец на одржување и враќање на здравјето на Планетата, како неопходен услов и основа за одржливи отпорни општества.
„На сесијата се разговараше за искуствата при имплементирање на вакви одговори, идентификувани успеси, неуспеси и компромиси и беа истакнати насоки и пристапи што ГЕФ може да ги преземе и поддржи додека ги развива сопствените стратегии за програмирање и инвестициите“, соопшти Министерството за животна средина.