Ален Зекиров, поранешниот телохранител на директорот на УБК, Сашо Мијалков, доби шест месеци казна затвор за сообраќајната несреќа што се случи во 2009 година, во која загина 73-годишниот Симо Серафимовски. Сообраќајката се случи во Скопје на „Партизанска“, кога Зекиров на мотор удри во скопјанецот Серафимовски, додека на пешачки премин го туркал својот велосипед. Зекиров треба да плати и судски трошоци во вредност од околу 100.000 денари.
На објавувањето на пресудата не присуствуваше обвинетиот Зекиров, ниту пак семејството на починатиот Серафимовски.
Судскиот процес траеше речиси шетс години, бидејќи голем број од рочиштата се одложуваа поради неприсуството на обвинетиот, но и поради изработката на вештачењето.
Клучниот елемент што требаше да се утврди беше дали починатиот Серафимовски го туркал велосипедот или го возел кога го минувал пешачкиот премин. За ова беа изготвени три вештачење, кои покажуваа различни наводи. Сообраќаен вештак од Бирото за судски вештачења, во јануари 2013 година, презентираше наодот за сообраќајката според која моторџијата Зекиров се движел по левата коловозна лента со 65 километри на час, што е во границата на толеранцијата, а сега починатиот Серафимовски поминувал на пешачкиот премин возејќи го велисипедот и бил отфрлен 22 метри од местото на несреќата.
На ваквиот навод реагираше адвокатот на семејството на Серафимовски, Весна Ивановска, бидејќи се разликувал од оној кој оштетеното семејство го добил од приватно ангажиран вештак. Според ова вештачење, Серафимовски на пешачкиот премин минал пеш, туркајќи го велосипедот. Поради двете спротиставени вештачења, беше изготвен трет наод по барање на судот. Резултатите се поклопуваа со оние на семејството, односно дека починатиот го минал пешачкиот премин туркајќи го велосипедот.
Во рок од 15 дена Зекиров има право да се жали на првостепената пресуда.