Австрискиот канцелар Себастијан Курц и лидерите на уште пет земји од Централна и Источна Европа повикаа Европската унија да воспостави „механизам за корекција“ за да се поправат прашањата за нееднаква дистрибуција на вакцините во Унијата.
Курц и неговите колеги од Бугарија, Хрватска, Летонија, Словенија и Чешка беа нејасни во врска со деталите за нивната шема по денешните разговори во Виена, јави агенцијата ДПА.
Во последните недели, неколку европски лидери го критикуваа она што го сметаат за нефер дистрибуција на дози на вакцини против коронавирус од страна на ЕУ.
– Не треба да остане како што е, рече денеска Курц но не кажа некакви конкретни предлози.
Словенечкиот премиер Јанез Јанша заедничките напори ги нарече „навремено предупредување“ до официјалните претставници на ЕУ, велејќи дека ако дистрибуцијата на вакцините е нееднаква, тогаш тоа може да „доведе до политичка криза“.
Според шефовите на владите, разговорите со претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, биле планирани за денеска вечер или утре.
Според стратегијата за вакцинирање на Унијата, сите земји на ЕУ добиваат пристап до одобрени вакцини истовремено, со распределба на достапните дози според големината на населението.
Но, шесте лидери велат дека во реалноста, постојат значителни разлики во снабдувањето меѓу 27-те членки на ЕУ.
Курц тврди дека дозите не се делат пропорционално и оти се склучуваат дополнителни договори за набавка како резултат на нетранспарентни преговори.
Извршната власт на ЕУ соопшти дека причината за разликите во распределбата на дозите е одлука на самите земји-членки да не го преземат целиот удел поделен според населението.